Или ќе ја браниме куќата што ја градиме, или ќе гледаме како ја рушат, цигла по цигла, кажа лидерот на СДСМ на граѓански собир во Македонска Каменица во пресрет на локалните избори

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на предизборен собир од Македонска Каменица повика на мобилизација на локалните избори и им порача на гласачите дека апстиненцијата е награда за ВМРО-ДПМНЕ.
„Локалните избори се момент на важна одлука за секоја општина, но и за Македонија. Или ќе ја браниме куќата што ја градиме, или ќе гледаме како ја рушат, цигла по цигла. Знам дека граѓаните се разочарани, но сега е време за мобилизација, не за апстиненција. Апстиненцијата е награда за ВМРО-ДПМНЕ. Повикувам на мобизација. Ајде заедно да ја одбраниме куќата што ја градиме со децении, заедно со СДСМ и коалицијата, за нашиот заеднички дом, за Македонија“,
кажа Филипче.
За него, претстојните избори не се само локална трка, туку можност за граѓаните да испратат порака дека државата мора повторно да се врати во рацете на луѓето.
„Борбата за нашиот дом не е само локална и не е само политичка. Тоа е економска борба, борба за достоинство. Се бориме за 500 евра минимална плата, за секој човек да може достоинствено да живее од својата работа. Се бориме за ред и правда, за држава што работи за своите граѓани, а не за партиските елити. За иднина и за надеж“,
вели тој.
Филипче од Македонска Каменица порача дека СДСМ секогаш била повеќе од партија, движење за слобода, правда и еднаквост, со идеја државата да биде дом за сите, не за неколкумина привилегирани.
Инаку, кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Македонска Каменица, по вторпат, е Соња Стаменковска.