Во предградијата на Сиракуза биле пронајдени колонии. Не е јасно како и кога огнените мравки стигнале таму. Истражувачите веруваат дека инсектите пристигнале на некоја транзитна точка со многу човечка активност, како што е градското пристаниште. Локалните жители ги информирале научниците дека бројот на убоди од мравки е зголемен од 2019 година
Црвена огнена мравка, еден од најинвазивните видови во светот, е пронајдена по првпат во Европа, покажа новото истражување. Оваа увезена мравка, научно наречена Solenopsis invicta, е родена во Јужна Америка, но во текот на минатиот век се проширила во поголемиот дел од САД, Мексико, Карибите, Кина и Австралија.
Овие инсекти можат да бидат агресивни кога се вознемирени и да нанесат болен убод, кој ја иритира кожата и може да предизвика алергиски реакции. Мравката може да ги оштети и посевите и локалните екосистеми, пишува Си-ен-ен.
Пронајдени во Сицилија
Истражувачите објавија дека идентификувале 88 гнезда на црвени огнени мравки распоредени на пет хектари во близина на градот Сиракуза во Сицилија, Италија.
„Solenopsis invicta е еден од најлошите инвазивни видови. Може да се шири алармантно брзо. Откривањето на овој вид во Италија беше големо изненадување, но знаевме дека ќе дојде овој ден”,
рече главниот автор на студијата Матија Менчети, истражувач во Институтот за еволутивна биологија во Шпанија.
Иако црвените огнени мравки се откриени во увезените производи во Шпанија, Финска и Холандија, овој тип колонии никогаш претходно не биле потврдени, нагласуваат авторите.
Нејасно е како стигнале таму
Во предградијата на Сиракуза биле пронајдени колонии. Не е јасно како и кога огнените мравки стигнале таму. Истражувачите веруваат дека инсектите пристигнале на некоја транзитна точка со многу човечка активност, како што е градското пристаниште. Локалните жители ги информирале научниците дека бројот на убоди од мравки е зголемен од 2019 година.
Студијата покажала дека ветрот можел да ги пренесе летечките кралици мравки од област северозападно од Сиракуза, каде што се наоѓа комерцијалното пристаниште.
Генетската анализа на мравките открила дека тие најверојатно се шират од САД или Кина, каде што Solenopsis invicta е исто така инвазивен вид. Мравките наскоро би можеле да се рашират низ Европа, предупредуваат истражувачите, бидејќи околу седум проценти од континентот – вклучувајќи ги големите урбани области како што се Барселона, Рим, Лондон и Париз – има клима погодна за овој вид, според моделите создадени од авторите на студијата.
Студијата била објавена во понеделникот во научното списание „Кјурент Биолоџи“ (Current Biology).
Инвазивните видови го чинат светот најмалку 423 милијарди долари секоја година бидејќи предизвикуваат истребување на растенија и животни, ја загрозуваат безбедноста на храната и ги влошуваат еколошките катастрофи ширум светот.