Отчитувањето на броилата, односно уредите, да стане обврска операторот да ги отчитува најмалку квартално, што значи четирипати во годината, а по потреба и почесто, изјави денеска народниот правобранител Насер Зибери по средбата со претседателот на Регулаторната комисија и водни услуги Марко Бислимовски.
„Сметаме дека отчитувањето на броилата четирипати годишно ќе придонесе во насока на тоа граѓаните да не добиваат постојано фактурирани сметки без увид во реалната состојба на струјомерите и реалната потрошена електрична енергија“,
додаде Зибери.
Според сегашната регулатива, обврската за читање на струјомерите е еднаш годишно, а Бислимовски рече дека за размислување е ставена и опцијата за рамномерно плаќање на струјата на 12 рати.
„Препорака е тоа да се прави и почесто, особено во зимските месеци. За размислување е ставена можноста за рамномерно плаќање на струјата на 12 рати. Односно, да се види колкава е годишната потрошувачка на струја за едно домаќинство за да не се случи, на пример, зиме да плаќаат струја по 8 000 денари, а лете по 1 500 денари. Ако сакаат, да може да плаќаат еднакви износи во текот на 12 месеци. За ова ќе разговараме со енергетските компании“,
нагласи Бислимоски.