По денешната јавна презентација на проектот „Гранд“ кој е предвиден на просторот спроти хотелот „Холидеј ин“, се огласија и жители на Ново Маало. Тие велат дека се задоволни од проектот, бидејќи во него се опфатени и тие.
„Драго ни е што инвеститорот најави целосно реализирање на сите обврски кон нас и очекуваме реализацијата на овој проект да почне во најбрз рок. Од она што го видовме денес, може да се заклучи дека просторот целосно се уредува, а посебно е за поздравување најавата за изградба на голема зелена површина со фонтана во средината на паркингот, со големина колку Плоштад Македонија. Ова, исто така, бараме да се реализира и општината да даде согласност инвеститорот да го спроведе како што најави на презентацијата. Ова ќе значи ново зеленило и уреден јавен простор, практично уште еден плоштад но со многу зеленило“,
се вели во обраќањето.
Тие ги осудуваат и реакциите во јавноста што се однесуваат на стоипрање на овој проект.
„Тие немаат право да одлучуваат за тоа како ние ќе живееме и заради неразумни барања да останеме да живееме во услови од 19 век. Овој план е добар, има многу јавен простор и места кои ќе бидат на сите граѓани“,
велат жителите на Ново Маало.
За утре е најавена и прес-конференција на паркингот пред „Холидеј ин“, на која овие жители ќе ги изнесат своите ставови околу проектот, но и проблемите со кои се соочуваат.