Јавниот обвинител доставил предлог до Основниот суд во Тетово за определување мерка притвор за осомничениот наведувајќи дека постои опасност од бегство и можност да го повтори насилничкото однесување

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 29-годишен жител на Челопек, осомничен за кривичните дела загрозување на сигурноста и насилство по инцидент во кој со нож го пробол вујко си и им се заканувал на најблиските.
Според Обвинителството, осомничениот на 16 октомври најпрво ја загрозил сигурноста на своите мајка и татко кога насилно ги избркал од дома и им се заканувал по живот бидејќи одбиле да му дадат пари. Родителите потоа се засолниле во домот на вујкото.
Набргу потоа осомничениот дошол до куќата на вујкото и, држејќи нож на расклопување, агресивно се обидел насилно да влезе. Во куќата имало и други членови на семејството, меѓу кои и жена со две деца на возраст од 6 и од 1 година, кои поради страв ја напуштиле куќата преку прозорец.
Осомничениот успеал да ја скрши вратата и да влезе, а кога сопственикот на куќата – вујкото, се обидел да го смири, тој го пробол со нож и му нанел телесна повреда, по што побегнал.
Јавниот обвинител доставил предлог до Основниот суд во Тетово за определување мерка притвор за осомничениот наведувајќи дека постои опасност од бегство и можност да го повтори насилничкото однесување.