Во однос на обвинувањето од „Зелен хуман град“ оти вонредниот инспекциски надзор во „Усје“ бил најавен и дека никаде јавно не се објавени резултатите од 24-часовното мерење на ПМ 10 честичките во кругот на фабриката што се реализирало за време на вонредниот надзор, од фабриката велат дека во „Усје“ постои 24-часовен мониторинг од германски производител кој е контролиран од независни и акредитирани надворешни компании
„Мониторингот континуирано ги мери емисиите, па оттука, независно од тоа дали контролата е најавена или не, тоа не влијае на резултатите од мерењето“, додаваат од фабриката
Повикувајќи се на јавно објавените документи од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во врска со вонредниот надзор во Цементарницата „Усје“, активистичките групи кои се дел од „Зелен хуман град“ (ЗХГ) денеска преку писмено соопштение обвинија за нерегуларности во инспекцискиот надзор кој беше спроведен во фабриката од страна на Државниот инспекторат за животна средина и инспекторите од Град Скопје.
Дополнително, обвинија дека Цементарницата не се придржувала кон А-интегрираната дозвола која ја поседува, односно дека јавно не ги објавувала дневните извештаи од континуираните мерења на емисии кои, како што велат, треба да ги спроведува на десетте од вкупно 12 оџаци во „Усје“.
„Според А-дозволата, од 12 оџаци, обврската е континуирано (секојдневно) да се мерат емисии на 10 оџаци (две ротирачки печки, два ладилника за клинкер, четири мелници за цемент и две мелници за цврсто гориво), а двапати годишно да се мерат емисиите на два оџака (еден парен котел на мазут и еден парен котел на гас). Никаде не се јавно достапни дневните извештаи од континуирано мерење на 10 оџаци во ‘Усје’ што повторно е неисполнета обврска од дозволата“,
обвинуваат од „Зелен хуман град“.
Дополнително, како што додаваат, во месечните извештаи кои „Усје“ му ги доставува на Државниот инспекторат за животна средина не можат да се видат аномалиите кои се видливи во дневните извештаи.
„За да бидат веродостојни дневните мерења, во 24 часа мора да постојат податоци од мерења за минимум 16 часа. Ако не постојат мерења за минимум 16 часа, мерењата од тој ден се сметаат за невалидни. За да бидат веродостојни месечните мерења, не смее повеќе од 10 дена да има невалидни мерења. Нејасно е кој и дали воопшто некој ги валидира мерењата на дневна основа. Нејасно е како инспекторот кој го контролирал извештајот од автоматски мониторинг не го оспорил бидејќи тој содржи податоци за само 14 часа?“
додаваат од ЗХГ.
Ваквите обвинувања, пак, како целосно неосновани ги отфрлија од Цементарницата „Усје“, од каде додадоа оти ЗХГ ги користи ваквите тврдења за стекнување на политички интереси на поединци. Оттаму велат дека производниот процес во фабриката се одвива според законски определените рамки и еколошки стандарди, а оти производството автоматски запира доколку филтрите не работат.
„Согласно А-Интегрираната дозвола ‘Усје’ има обврска да известува за емисиите еднаш месечно. И покрај тоа, имајќи го предвид јавниот интерес, ‘Усје’ самоиницијативно, последните неколку години, еднаш неделно ги испраќа резултатите од мерењата од средно-дневните емисии од производниот процес до медиумите. Истите ги објавуваме и на веб-страницата на компанијата и се на увид на било која заинтересирана страна“,
велат од Цементарницата.
Во однос на обвинувањето од Зелен хуман град оти вонредниот инспекциски надзор во „Усје“ бил најавен и дека никаде јавно не се објавени резултатите од 24-часовното мерење на ПМ 10 честичките во кругот на фабриката што се реализирало за време на вонредниот надзор, од фабриката велат дека во „Усје“ постои 24-часовен мониторинг од германски производител кој е контролиран од независни и акредитирани надворешни компании.
„Мониторингот континуирано ги мери емисиите, па оттука, независно од тоа дали контролата е најавена или не, тоа не влијае на резултатите од мерењето. Експертите знаат дека производниот процес се одвива во строго определен режим и на него не може да се влијае“,
велат од „Усје“.
Во соопштението кое ЗХГ го испрати до медиумите, дополнително, додаваат дека со поднесувањето прекршочна наместо кривична постапка, инспекторот од Државниот инспекторат за животна средина потенцијално спречил кривичен прогон на „Усје“ во склад со начелото Ne bis in idem (Не правете го истото двапати).
Од Цементарницата „Усје“, пак, заклучија оти компанијата како и досега ќе продолжи да работи согласно највисоките стандарди на транспарентен начин.