„Јас пресудата не ја дознав од адвокатите, ниту од судот, туку ја дознав од Владата. Ова значи дека процесиците во судството, особено против владата, против органите, против министерствата, пресудите се донесени пред да биде воопшто разен самиот предмет. Ова е еден голем скандал ќе потенцирам“, рече Жерновски

Судската власт во нашата држава е директно под контрола на извршната власт, вели членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски.
Според Жерновски, вчерашниот настап на владината портпаролка Марија Митева на телевизиска дебата претставува „скандалозно признание“ дека Владата располага со информации за судски пресуди пред тие да им бидат доставени на странките.
Жерновски посочи дека портпаролката на Владата изнела информации за неговиот судски процес против МНР, наведувајќи дека неговата жалба е изгубена.
„Јас пресудата не ја дознав од адвокатите, ниту од судот, туку ја дознав од Владата. Ова значи дека процесите во судството, особено против владата, против органите, против министерствата, пресудите се донесени пред да биде воопшто разен самиот предмет. Ова е еден голем скандал ќе потенцирам“,
изјави Жерновски на денешната прес-конференција.
Од СДСМ тврдат дека ова е само продолжение на тоа што изминатиот период го говореле. Како примери, Жерновски ги наведе смената на јавниот обвинител под притисок, именувањето на сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за член на Судскиот совет и изборот на советникот за правни прашања на премиерот Мицкоски за нов уставен судија.
Жерновски вели дека методите на секое владеење на ВМРО-ДПМНЕ се исти како во времето на режимот на Никола Груевски. Тој рече дека безбедносните служби се користат за следење на неистомисленици и дека тоа сега се применува не само кон опозицијата, туку и кон синдикатите и граѓаните.
„Затоа и авионот нонстоп оди до Будимпешта кај Груевски. Не е важно кој е пилотот. Важно е што контролорот на летање на владиниот авион е Никола Груевски. Така да од сега кога ќе слушнете Груевски како вели она на М веќе не мисли ниту на Мерцедес ниту на Мајбах. Денеска она на М е Мицкоски“,
додаде Жерновски.
Тој рече дека СДСМ нема да застане тука и ќе бара истрага за тоа како информациите од судските процеси и кој судија или кој од владата ги има овие информации, повикувајќи ги граѓаните да не подлегнуваат на заплашувањата.
