Според него, Македонија ја плаќа цената на погрешните политики на Мицкоски кои водат кон затворање, изолација на земјата, а тоа ја зголемува недовербата на граѓаните во институциите
Поминаа 24 часа, а премиерот Христијан Мицкоски сè уште молчи и не даде одговор зошто САД нè ставија на листа на земји за кои го суспендира процесирањето имигрантски визи, реагираат од СДСМ. Ако некој може да даде одговор, тоа е сигурно другарот од периметарот, нашиот премиер кој нè убедува две години колку блиски пријатели се, изјави на прес-конференција членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски.

„Во недостиг на неговото присуство, што би рекле од неговата партија, за уши го извади министерот за надворешни работи Муцунски. Се случи уште една грешка, уште еден трагикомичен настап на политичар којшто многу зборува, а ништо не кажува, персонификација на денешната киндер-дипломатија. Мицкоски фактички го надмина својот претходник Груевски, кој заврши на црната листа. Мицкоски за жал ја стави целата држава на црната листа. Одлуката на САД да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани не е техничка пауза, како што вели министерот Муцунски, туку политички сигнал, предупредување. САД внимателно ја следат состојбата во земјата и ова е јасен сигнал дека гледаат проблем, дека нешто не е во ред“,
посочи Жерновски.
Според него, Македонија ја плаќа цената на погрешните политики на Мицкоски кои водат кон затворање, кон изолација на земјата, а тоа ја зголемува недовербата на граѓаните во институциите.
„Недостигот од економска перспектива за луѓето ги тера младите да заминуваат, да се иселуваат затоа што не гледаат иднина дома. САД испраќаат порака дека: не се задоволни од капацитетот на државата, постои недоверба во институциите (безбедност, документација), очекуваат реформи кои не се спроведуваат. СДСМ подолго време укажува дека политиките на изолација на оваа тендер коалиција ВМРО-ЗНАМ го загрозуваат стратешкото партнерство со САД и процесот на интеграција во ЕУ. Надворешната политика на владата се сведува на активностите на најблискиот соработник на Мицкоски, Иван Стоилковиќ со ноќните волци блиски до Путин. Овие денови гласни се дипломати од времето на ВМРО-ДПМНЕ, таканаречени експерти и помали сателит-партии кои ги напаѓаат Соединетите држави па дури тврдат и дека немаме стратешко партнерство. Паралелно власта спроведува и активна анти ЕУ кампања. Наместо реформи, намерно се продуцираат судири со Грција и Бугарија, затворени прашања повторно се отвораат, за да се оправда изолацијата а да не се дојде до решенија“,
рече Жерновски.
Тој порача дека СДСМ ќе продолжи јасно и гласно да ја разоткрива, како што нагласи, оваа опасна агенда на власта и да се бори против политиките на изолација и загрозување на стратешкото партнерство со САД.
