Она што според него граѓаните треба да го знаат, а е многу важно, е тоа што Германија и Европа го нарекле Мицкоски авторитарен политичар и го ставиле во друштво на Вучиќ и Додик. Целата таа група, додаде Жерновски, беше наречена авторитарно братство

Падот на авторитарниот режим на Виктор Орбан има директни последици не само врз целиот регион, туку и врз оние политичари коишто беа под негова директна заштита. Тука секако спаѓа и Христијан Мицкоски, наречен Орбан Џуниор, рече на денешната прес-конференција членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски.
Тој рече дека вчера германските медиуми го разобличиле Мицкоски како дел од „авторитарното братство на Виктор Орбан“.
Жерновски, говорејќи во врска со тоа што СДСМ изминатиот период го изнесувал, сега рече дека истото го потврдиле и германските медиуми.
„Прво, дека се работи за една голема транснационална мрежа која функционира под заштита, односно под директниот чадор на Виктор Орбан. И второ, мрежа која контролира медиуми, финансиски текови и која функционира врз основа на контрола на бизнисите“,
рече Жерновски.
Она што според него граѓаните треба да го знаат, а е многу важно, е тоа што Германија и Европа го нарекле Мицкоски авторитарен политичар и го ставиле во друштво на Вучиќ и Додик. Целата таа група, додаде Жерновски, беше наречена авторитарно братство.
„Тоа е корумпиран систем на политичка, финансиска и медиумска контрола, директно спротивставен на европските демократски вредности, или ако сакате – продолжена рака на Русија во Европа“,
рече тој.
Според него, германските медиуми го потврдиле тоа што СДСМ го зборувале, односно дека падот на Орбан ќе значи слабеење на автократските и антиевропските влијанија.
„Се сруши главното оружје што го користеше Мицкоски, а тоа беше тврдењето дека ова се само наративи на СДСМ. Не. Ова што денес Европа и Германија го оценуваат кај Мицкоски веќе не е напад на домашната опозиција. Ова се нарекува меѓународна дијагноза“,
рече Жерновски.
Историската победа на демократијата над авторитаризмот во Унгарија, на Европа над корупцијата, или на владеењето на правото над злоупотребата, Жерновски вели дека испраќа порака до целиот регион.
„Овде веќе не станува збор за битка помеѓу власт и опозиција. Овде станува збор за битка помеѓу демократија и авторитарен режим. И тоа ќе биде изборот на следните избори“,
додаде Жерновски.
Од СДСМ бараат истрага за сите финансиски и бизнис-врски помеѓу Орбан и Мицкоски, а до Министерството за правда упатија порака веднаш да побара враќање на Никола Груевски, по најавите од новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, дека земјата повеќе нема да биде засолниште за криминалци.
„Вистината е како шило, а правдата секогаш стигнува. Време е Никола Груевски да се врати таму каде што го направи криминалот, а тоа е Македонија“,
додаде тој.
Реакциите околу Никола Груевски доаѓаат откако лидерот на унгарската партија Тиса, Петер Маѓар, која однесе убедлива победа на изборите во неделата, најави екстрадиција на поранешниот македонски премиер кој во 2018 година побегна во Унгарија.
Од Министерството за правда вчера рекоа дека денеска ќе поднесе барање до судот и до обвинителството и ќе ги побара потребните списи за сите предмети поврзани со поранешниот премиер и бегалец во Унгарија, Никола Груевски. Откако ќе ги добијат потребните документи, од ресорното министерство најавија дека ќе постапат согласно важечките законски прописи.
Од Основниот кривичен суд Скопје вчера преку соопштение направија пресек на предметите за кои има правосилни пресуди за Груевски и оние за кои се во тек судски процеси.
Како што информираа од Судот, Груевски треба да издржи затворска казна по две изречени судски пресуди, а во судница го чекаат уште два активни предмета. Треба да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство во Центар“, кој застарува во септември 2027 година, и девет години затвор за случајот „Плацови на Водно“, дело што застарува во 2043 година. Во меѓувреме, активни остануваат предметите „Титаник“ и „Талир 2“.
