На протестниот марш, кој оваа година се одржа под слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“, учесниците порачаа дека овој ден го користат за крик против, како што велат, родовата нееднаквост и колективната негрижа, повеќеслојната и системска дискриминација, газењето на човековите права, насилството и сиромаштијата. Жените во Македонија, порачаа тие, не се еднакви, не се слободни ниту се безбедни
„Држава која не постапува е држава што силува“, „Не сакаме тава – сакаме права“, „Молкот убива“ – се само дел од пораките кои вечерва беа испратени од учесниците на денешниот традиционален протестен марш во Скопје по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.

На протестниот марш, кој оваа година се одржа под слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“, учесниците порачаа дека овој ден го користат за крик против, како што велат, родовата нееднаквост и колективната негрижа, повеќеслојната и системска дискриминација, газењето на човековите права, насилството и сиромаштијата.
„Оставени сами на себе, жените се жртви на системот во кој колективната негрижа е основниот носечки мотив“,
порачаа учесниците на осмомартовскиот марш.

Жените во Македонија, порачаа учесниците на маршот, не се еднакви, не се слободни ниту се безбедни.
„Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат и механизми кои се слепи кон потребата за унапредување на родовата еднаквост, колективната негрижа за тоа како и дали ќе преживеат жените овде“,
изјави Ана Аврамоска-Нушкова, проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

Да се биде жена во Македонија, истакнаа учесниците на маршот, значи да се прашуваш дали ќе го преживееш возењето во такси без таксистот да те вознемирува, дали ќе добиеш закани на социјалните мрежи, дали твои фотографии ќе бидат користени како порнографија, дали ќе имаш пристап до гинеколог и беспалатно пап-тестирање, дали ќе ја преживееш следната лекарска рутинска интервенција, дали ќе го преживееш пораѓањето.
„Да се биде жена значи да прифаќаш краткотрајна работа, работа на црно и под маса, без ресурси за стабилна кариера, без социјална заштита и регулација. Да се биде жена во Македонија значи да се прашуваш дали ќе го преживееш секојдневното насилство од партнерот кое веќе си го пријавил, но институциите кои требало да те заштитат само направиле записник и не постапиле, не те заштитиле“,
истакна една од учесниците на маршот.
Протестниот марш по повод 8 Март во главниот град се одржува седма година по ред.
Овогодишниот марш започна во 18:00 часот од плоштадот „Филип Втори Македонски“, а заврши во паркот „Жена-борец“, каде што учесничките уште еднаш го изразија незадоволството од положбата која ја имаат во општеството и, како што велат, колективната негрижа кон жените во земјава.