Според наводите на Територијалната противпожарна единица Охрид, во куќата се случила експлозија поради зголемена концентрација на плин и други фактори кои придонеле за високо ниво на експлозивност
Четириесет и четиригодишна жена од охридско Велгошти е тешко повредена во силна експлозија во куќата во која живеела. Според наводите на Територијалната противпожарна единица Охрид, во куќата се случила експлозија поради зголемена концентрација на плин и други фактори кои придонеле за високо ниво на експлозивност.

„Во текот на денешниот ден ТППЕ Охрид, интервенираше на санирање на последиците од разорна експлозија во куќа во Охрид, село Велгошти. Експлозијата е предизвикана од зголемена концентрација на гасови (плин) и други фактори, кои придонеле за високо ниво на експлозивност. Благодарение на брзата реакција на пожарникарите спречено е и опожарување на објектот“,
информираат од ТППЕ Охрид.
Случајот во СВР Охрид бил пријавен во 10:58 часот утринава. Тешките телесни повреди на Е.Т.Ѓ. (44) од Велгошти биле констатирани во Општата болница во Охрид.
