Жената се здобила со повреди околу 16:30 часот додека се движела по шумски пат на место викано „Голем рид“ во атарот на село Синичане

Четириесет и едногодишна жена од тетовското село Синичане, општина Боговиње, е повредена од мечка вчера попладне. Случајот е пријавен во СВР Тетово од тетовската Клиничка болница, информираа од полицијата.
Според информациите од СВР Тетово, вчера околу 18 часот, од Клиничката болница Тетово било пријавено дека кај нив е донесена Е. Х. (41) од село Синичане. Жената се здобила со повреди околу 16:30 часот додека се движела по шумски пат на место викано „Голем рид“ во атарот на село Синичане, кога била нападната од мечка.
Минатата година имаше пријавено повеќе напади од мечки, а честопати тие можеа да се забележат и покрај патиштата.
Последниот пријавен случај беше во февруари годинава кога тинејџер на околу 15 години два часа го следела и гонела мечка во атарот на селото Крапа во општина Македонски Брод. Детето не било директно нападнато, ниту повредено од мечката и успеало да избега, но паднало при бегањето, кога заедно со стадото овци се враќало кон трлото, односно дома кон селото.