Маргарет Кинан од Енискилен, Северна Ирска, жена на 90-годишна возраст, стана првата личност која ја прими вакцината против ковид-19 во Велика Британија, откако британските власти ја одобрија вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ и ја почнаа програмата за масовна имунизација.
Маргарет, наредната недела ќе наполни 91 година, а ова, рече, е најдобриот ран роденденски подарок, пренесува „Би-би-си“.

„Се чувствувам привилегирано што сум првата која ја прими вакцината против ковид-19. Тоа е најдобриот ран роденденски подарок што можев да го посакам бидејќи ова значи дека конечно ќе можам да поминам време со семејството и пријателите во новата година откако поголемиот дел од годината бев сама“,
вели Маргрет.
До крајот на декември, се очекува вакцината да ја примат уште четири милиони Британци.
Според планот на британската влада, први ќе се вакцинираат популацијата над 80-годишна возраст и дел од здравствениот персонал, а целта им е да ги заштитат најранливите категории граѓани и да го вратат животот во нормала.
Велика Британија стана првата земја во светот која ја одобри вакцината што ја произведоа компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“, а по неа тоа досега го направи и Бахреин.
- Велика Британија ја одобри употребата на вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“
- По Велика Британија, Бахреин е втората земја во светот која ја одобри вакцината на „Фајзер“ против ковид
Вакцината чека одобрување и од Европската Унија (ЕУ). Покрај „Фајзер и Бионтек“, и компанијата „Модерна“ поднесе барање за одобрување до Европската агенција за лекови.
По завршувањето на клиничките испитувања, како што тврдеа нивните експерти, вакцините на овие компании се со ефикасност од 94 и 95 отсто.
