„Нашата позиција како земја членка е дека секоја земја кандидат за членство во Европската Унија, врз основа на сопствените заслуги, треба да биде оценета за својот напредок од страна на Унијата, а не од страна на поединечна земја членка“, рече бугарскиот премиер во заминување
Немаме нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија, не сме вклучени во никакви спорови со Република Северна Македонија за прашања поврзани со таканаречениот компромис од јули 2022 година, изјави денеска бугарскиот премиер во заминување Росен Желјазков во Брисел кој учествуваше на самитот ЕУ-Западен Балкан, јави бугарската агенција БГНЕС.

„Ова е паневропска позиција. Нашата позиција како земја членка е дека секоја земја кандидат за членство во Европската Унија, врз основа на сопствените заслуги, треба да биде оценета за својот напредок од страна на Унијата, а не од страна на поединечна земја членка“,
додаде Желјазков.
На новинарско прашање за замрзнатите руски средства, тој истакнал дека регулативата ќе биде разгледана.
„Нашата позиција отсекогаш била принципиелна поддршка на суверенитетот на Украина, вклучително и можностите за финансирање на сè што е поврзано со постигнување траен и праведен мир, како и обновување на Украина“,
рече Желјазков и нагласи дека позицијата на Бугарија ќе биде синхронизирана со европските земји.
Тој додаде дека немаат никакви загрижености во врска со влезот на Бугарија во еврозоната.
„Со функционалните институции, кои верувам дека привремената влада ќе ги искористи за да ги растера сите стравови, ние ќе се справиме и со овој предизвик“,
додаде Желјазков.
