Иако добиле неофицијални најави за исплата на вториот дел од платата во текот на денот, вработените порачуваат дека бојкотот ќе продолжи сè додека не бидат повикани на преговори за нивните барања

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај во земјава е во делумен прекин откако поголемиот дел од машинскиот и извршниот персонал на „Македонски железници – транспорт“ започна бојкот. Причина за протестот, кој е почнат од вчера, е неисплатениот втор дел од ноемвриската плата, како и неисполнетите ветувања од претходните преговори со раководството.
Тони Димовски, претседател на Синдикатот на машиновозачи и претставник на машински и извршен персонал во „Македонски железници – транспорт“, за МИА изјави дека од 60 до 70 проценти од персоналот учествува во бојкотот.
Како резултат на ова, линиите од Скопје кон Битола, Куманово, Велес и Гевгелија не сообраќаат. Димовски вели дека од товарните возат поголемиот дел возовите.
Тој вели дека на 18 декември им бил исплатен првиот дел од платата за ноември.
Иако, како што вели, добиле неофицијални најави за исплата на вториот дел од платата во текот на денот, вработените порачуваат дека бојкотот ќе продолжи сè додека не бидат повикани на преговори за нивните барања.
„Ќе бидеме во бојкот се додека не бидеме повикани на средба за да се договори исполнување на барањата, но и да има документ дека тоа ќе се исполни“,
вели Димовски.
На 1 декември минатата година железничкиот сообраќај во државава беше во целосен прекин, а се нормализира еден ден подоцна по средбата на претставниците на машинскиот и извршниот персонал со раководството на „Македонски железници – транспорт“ и Министерството за транспорт.
До раководството на железничкото претпријатие, како што соопшти Димовски, на 2 октомври биле доставени 15 барања, а дел од нив се исплата на прекувремени часови, бонус-плата за над 150 прекувремени часови, покачување на коефициентот за 0,80 поради зголемени животни трошоци, исплата на додаток од 10 отсто на платата за вонредно повикување на работа.
