Синдикатот најавува дека дијалогот со раководството на „МЖ – транспорт“ ќе продолжи за да се решат и преостанатите прашања

Железничкиот сообраќај во државава е нормализиран од ноќеска откако Синдикатот на машиновозачи на Македонија го прекина бојкотот по преговорите со раководството на „МЖ – транспорт“ и претставници на Министерството за транспорт, кои се одвивале синоќа.
Тони Димовски, претседател на Синдикатот и претставник на машински и извршен персонал во „МЖ – транспорт“, вели дека дел од нивните барања се исполнети поради што е донесена одлука за прекин на бојкотот со цел да се избегнат дополнителни трошоци.
„Имавме преговори кои вродија со плод, дел од барањата се исполнети и колегите одлучија бојкотот засега да се прекине. Сообраќајот е нормализиран ноќеска во 01:30 часот. Првиот воз замина за Куманово во 4:57 часот“,
вели Димовски во изјава за МИА.
Бојкотот, кој почна вчера во 13:30 часот, предизвика застој во патничкиот превоз. Димовски информира дека во текот на бојкотот биле стопирани пет патнички воза – два за Битола и по еден за Куманово, Гевгелија и за Велес. Кај товарните возови немало застои, туку само задоцнувања поради активности на пругите.
Синдикатот најавува дека дијалогот со раководството на „МЖ – транспорт“ ќе продолжи за да се решат и преостанатите прашања.
Одлуката на бојкот следувала откако за 15 барања, доставени до раководството на 2 октомври, немало никаков исход. Меѓу барањата на Синдикатот се исплата на прекувремени часови и бонус-плата за над 150 прекувремени часови, покачување на коефициентот за 0,80 поради зголемени животни трошоци, исплата на додаток од 10 отсто на платата за вонредно повикување на работа.
