Амбасадорот на ЕУ ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да демонстрира посветеност на европската иднина на државата што се однесува до законот за јавно обвинителство, исто како и при донесувањето на неколку реформски закони во изминатите две години
Жбогар индиректно одговори на вчерашната критика од Милошоски: Наместо да напаѓаат амбасадори и да сеат сомнежи за искреноста на ЕУ, политичките партии треба да се борат со идеи и проекти за подобра иднина, особени за младите
Шефот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, изрази надеж дека нов закон за јавното обвинителство ќе биде усвоен пред распуштањето на Собранието. Притоа, Жбогар рече дека „предлог-законот што е на маса претставува добра основа за носење консензуална одлука“.
„Ја признаваме неопходната улога што ја играше опозицијата во донесувањето неколку реформски закони во изминатите две години. Очекуваме да видиме иста демонстрација на посветеност на европската иднина во однос на законот за јавно обвинителство“, порача денеска амбасадорот на Европската Унија во земјава, на тркалезната маса насловена „Патот кон ЕУ и НАТО: Перспективи и предизвици“, организирана од Советот на амбасадори.
Три столба на страна на Северна Македонија
Жбогар се осврна на законот за јавно обвинителство, зборувајќи за три столба кои, според него, на македонска страна „ја определуваат нашата заедничка иднина“: продолжување на реформите, изборите и продолжување на добрососедски односи.
Северна Македонија, според евроамбасадорот, треба да продолжи со реформи во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и разузнавачките служби (столб 1).
Зборувајќи за вториот столб за земјава – изборите во април, Жбогар рече дека неколкуте последни изборни циклуси „ја кренаа летвичката и се под тоа не би било доволно добро“.
„За време на кампањата лидерите имаат одговорност да се ангажираат за намалување на тензиите и на поларизацијата во политиката и општеството. Наместо да водат лични војни, наместо да напаѓаат амбасадори поради лични проблеми и наместо да сеат сомнежи за искреноста на ЕУ, политичките партии треба да се борат со идеи и проекти за подобра иднина, особено за младите“, рече амбасадорот на ЕУ, индиректно одговарајќи на вчерашната критика од пратеникот Антонијо Милошоски дека Жбогар го толерирал злоупотребувањето на европското знаме од Владата при предлагањето закони до парламентот.
Трет пилар за Северна Македонија, според амбасадорот, е да продолжи да ги „негува и спроведува“ договорите со Грција и со Бугарија.
Три столба на страната на ЕУ
Реферирајќи се на пораката од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, при неодамнешната посета на Скопје, амбасадорот Жбогар рече дека идните односи на ЕУ со земјава почиваат на три столба: нова методологија, одлука за почеток на преговори и Самитот во Загреб.
Тој ја повтори оценката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, дека Северна Македонија е подготвена да ги почне пристапните преговори.
„Во согласност со заклучоците на Советот од октомври, очекуваме лидерите да се осврнат на прашањето пред Самитот во Загреб“, порача амбасадорот.
Загребскиот самит, пак, треба да се фокусира на економски развој и заздравување на регионот.