И министерот за надворешни работи Никола Димитров не очекува судири или блокади во иднина ако, како што вели, секој се придржува до договорите
Предлог-преговарачката рамка за пристапување кон ЕУ сè уште не е јавен документ. Тој ќе биде објавен откако ќе биде прифатен од земјите членки на Унијата. Ова е нацрт-верзија на документот изработена од Европската комисија (ЕК). Тој ќе биде сличен на документите за преговарачките рамки што беа изготвени за почетокот на преговорите како за Србија и за Црна Гора, и мислам дека во него нема да има никакви изненадувања, освен тоа што ќе содржи нови елементи согласно новата методологија.
Ова денеска од Охрид го истакна евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој беше во посета на охридската локална самоуправа.
Одговарајќи на прашања на новинарите, Жбогар појасни дека документот ќе ги содржи принципите на преговорите, целата суштина на преговорите и ќе го определи целиот претпристапен процес.
„Останува на германското претседавање со ЕУ и на државните членки да го разгледаат документот, евентуално да ја усвојат преговарачката рамка. Веднаш штом биде усвоен истиот ќе биде објавен. Следува да седнеме на маса и формално да ги отпочнеме пристапните преговори за членство на земјата“,
рече Жбогар.
Што се однесува на прашањето околу македонскиот јазик, евроамбасадорот истакна дека самиот документ изготвен од Европската комисија предвидува содржината да биде преведена на македонски јазик.
„Но, сето тоа е предмет на дискусија на членките, така што сè уште не можам да кажам сè додека не се продискутира од нивна страна. Нивна ќе биде одлуката каква ќе биде финалната верзија на документот. Секоја евентуална промена на нацрт-документот мора да биде одобрена од самите држави членки“,
рече евроамбасадорот.
Во врска со прашањето за јазикот и Бугарија, денеска зборуваше и министерот Никола Димитров, кој порача дека и двете држави мора да излезат победници од овој процес. Доколку секој се придржува, според него, нема да судири или блокади.
„Прво Софија многу вложи во нашата европска иднина, второ, почнавме еден процес со потпишување на Договорот за добрососедство и убеден сум дека сè додека се придржуваме до него нема начин тоа што ни е нас суштинско, да биде во судир со европските вредности и европската кауза. Невозможно е будејќи едно од суштинските права е да се изразиме кои сме, правото на самоопределување. Ќе работиме многу заедно со нашите соседи и ќе најдеме начин тоа што можеме, да го решиме, но овие прашања се завршени и за нас и за светот преку личната карта на нашата земја во ОН“,
рече Димитров.
Прашањето на јазиците, според министерот, не е предмет на признавање или непризнавање на држави, особено не во Европа во 21 век.