Да останеше истата цена, ситуацијата со државните електрани уште повеќе ќе се влошеше, вели Марко Бислимоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, кажа дека последното зголемување на цената на струјата не можело да се избегне. Според него, треба да се покаже разбирање за „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) бидејќи државната компанија, како што рече, мора да застане на здрави нозе.
„Во тој дел ние каде што ги регулираме цените, во делот на мрежарините, ние ја намаливме цената за пренос и дистрибуција и како збир ја намаливме за 5 отсто бидејќи постоеше простор да ја намалиме. Ја намаливме и цената на МЕПСО, ја намаливме и цената на ‘Електродистрибуција’, ја намаливме и цената на МЕМО. Кај делот на ЕСМ треба сите да покажеме разбирање. Ситуацијата е тешка, ЕСМ работи во загуби и ЕСМ е стожерна компанија во енергетскиот сектор. За ЕСМ дали да опстои или да не опстои, ние немаме сценарио Б. ЕСМ мора да застане на здрави нозе, ЕСМ мора да си го зголеми своето производство на електрична енергија, но и треба полека да го гледаме ЕСМ не само како производна компанија, туку и како компанија која, покрај тоа што произведува електрична енергија, и продава електрична енергија“,
рече Бислимоски.

На прашањето дали можеа државните електрани да останат на 62 евра за мегават-час, како цена по која досега ја продаваа струјата на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ и да не ја зголемуваат на 65 евра, Бислимоски рече дека ако останела истата цена, ситуацијата ќе се влошела.
„ЕСМ и во 2024, 2023, 2022 и 2021 ги заврши годините со загуби. Сега не знам како беше, можеби во 2023 или 2024 прикажа одредена добивка, но тоа беше пред сѐ поради трансферите што се правеа од државниот буџет. Значи, да останеше истата цена, ситуацијата уште повеќе ќе се влошеше. ЕСМ го презема ризикот да ја обезбеди електричната енергија за потребите на домаќинствата по 65 евра, а реално неговата производна цена е помеѓу 90 и 100 евра за мегават-час. Значи, од старт ЕСМ, за да обезбеди околу три милијарди и 200 милиони киловат-часови, работи со загуба. Дополнително, ЕСМ продава електрична енергија и на ‘Електродистрибуција’ за покривање на загубите, тоа се околу 800 милиони киловат-часови, но таму цената е 105 евра за мегават-час. Значи, таму каде што му е најголемата продажба, таму се најголемите загуби. И сега, да останеше 62 евра, уште повеќе финансиските загуби во ЕСМ ќе се зголемуваа, така што треба да му дадеме шанса на ЕСМ полека финансиски да закрепнува и мислам дека тоа ќе се случи во наредниот период“,
смета тој.
Прашан дали може да се очекува тужба пред Управниот суд од „ЕВН хоум“ затоа што зголемувањето на цената на струјата е помала од тоа што го бараше универзалниот снабдувач, Бислимоски одговори:
„Универзалниот снабдувач е обврзан да ја имплементира и да ја примени нашата одлука, а јас лично сметам дека – да, нашата одлука ќе заврши, ќе биде обжалена од страна на ‘ЕВН хоум’ пред Управниот суд, како што беа и многу одлуки претходно. Досега сме ги добивале овие одлуки на Управниот суд“.
