Отсега, како што рече Бислимоски, РКЕ навлегува во анализи на барањата и очекува дека до крајот на следна недела ќе се донесат цените за МЕПСО за пренос, за МЕМО за организирање и управување на пазарот и за „Електродистрибуција“ за дистрибуција на енергијата до потрошувачите

Зголемувањето на цената на струјата, доколку се прифатат барањата на компаниите, би можело да биде за 27 отсто, соопшти денеска претседателот на регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Според Бислимоски, досега барање за цена поднеле МЕМО, МЕПСО и „Електродистрибуција“, но дел од тие барања се нецелосни и затоа не може да се каже колку точно побарале.
„Тендерот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите кај МЕПСО треба да се реализира до крајот на оваа недела, а исто така и ’Електродистрибуција’ го доставила барањето пред да го реализира нивниот тендер поради што во нивното барање ги нема податоците за трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите. Затоа РКЕ не може точно да каже колку МЕПСО побарал и колку ’Електродистрибуција’ има побарано “,
рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Тој, исто така, вели дека има информација кај тендерот за универзалниот снабдувач дека ЕСМ понудил цена и веќе тоа е цена која ќе се реализира од 57 евра за мегават час наместо претходните 53 евра за мегават час и наместо обезбедување на вкупните потреби од 100 проценти за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе биде 95 отсто.
„Врз основа на некои наши претпоставени цени, во делот како што ќе биде набавката на загубите во МЕПСО, имајќи ги во предвид нивните податоци за оперативните трошоци и останатите трошоци, а исто така и веќе завршениот тендер за загуби кај ’Електродиструбуција’ каде цената е 105 евра за мегават-час досега беше 100 евра за мегават-час, како и она што беше за ’ЕВН хоум’ доколку сето тоа се прифати и се стави во пресметките во нашиот систем, зголемувањето на цената електрична енергија би изнесувало 27 отсто“,
објасни Бислимоски.
Од сега, како што рече Бислимоски, РКЕ навлегува во анализи на барањата и очекува дека до крајот на следна недела ќе се донесат цените за МЕПСО за пренос, за МЕМО за организирање и управување на пазарот и за „Електродистрибуција“ за дистрибуција на енергијата до потрошувачите. Потоа, додава Бислимоски, ЕВН ќе достави цена која ќе треба да ја помине контролата во РКЕ, а во таа контрола имаме право да донесеме и посебна одлука со точно утврдени забелешки и таа одлука ќе биде обврзувачка за универзалниот снабдувач
„Во целиот процес ќе бидеме максимално транспарентни и ќе ја информираме јавноста за сето она што ќе носи РКЕ како одлука“,
додаде Бислимоски.
Во однос на евтината тарифа која се воведе од 1 декември, Бислимовски посочи дека според информациите што ги има, кај првата отчитувачка група веќе се сменети 80 проценти од броилата, а од 15 декември треба да почне менувањето на броилата во втората отчитувачка група.