Според информациите што ги објави Министерството за животна средина и просторно планирање, мерните станици во скопски Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат вчера и завчера измериле зголемено присуство на штетните суспендираните честички чија вредност изнесувала над 150 микрограми на кубен метар
Пет мерни станици во Скопје во последните два дена измериле зголемено присуство на штетните суспендирани честички во воздухот чија големина е до 10 микрометри.

Според информациите што ги објави Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), мерните станици во скопски Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат вчера и завчера измериле зголемено присуство на суспендираните честички чија вредност изнесувала над 150 микрограми на кубен метар.
Согласно надминување на прагот на алармирање, МЖСПП препорачува работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста. Понатаму, се препорачува работодавците да го реорганизираат работното време и лицата што работат на отворено да работат од 11 до 17 часот.
Една од препораките е да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
МЖСПП препорачува интензивирање на вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола, како и на инсталациите со Б-интегрирана еколошка дозвола и елаборати.
„Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци“,
наведуваат од Министерството за животна средина.
Се препорачува и интензивирање на вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел-горива и нерегистрирани возила, како и контролите на градилиштата. Се забранува и горење на отворено.
