Бројот на луѓе кои се јавиле во итната помош поради сомневање за ковид се зголемил за 31 отсто во неделата од 31 јули до 6 август во споредба со неделата претходно
Во средината на летото ковид-19 повторно се појави во Франција и во други земји, засега умерено, но ова повикува на претпазливост, пишува денеска агенцијата Франс прес.
Нов бран на епидемија е забележан во САД, Велика Британија, Индија и Јапонија. По повеќе од три години пандемични бранови, вирусот САРС-Ков-2, на кој многумина речиси и заборавија, неодамна повторно ги потсети дел од Французите дека постои.
Бројот на луѓе кои се јавиле во итната помош поради сомневање на ковид се зголемил за 31 отсто во неделата од 31 јули до 6 август во споредба со неделата претходно.
Според податоците на француските здравствени власти, има 920 заболени, што според нив, е умерена бројка. Во летото и зимата 2022 година, повеќе од 4 000 луѓе неделно доаѓале во собата за итни случаи поради сомневање на ковид.
Според мрежата СОС Лекари, „медицинските интервенции поради сомневање за ковид-19 се зголемуваат кај сите возрасни групи“ – на почетокот на август имало повеќе од 1 500, што е за 84 отсто повеќе од една недела претходно.
За еден месец бројот на новозаразени во светот скокнал за 80 отсто
Во светот, бројот на новозаразени лица скокнал за 80 отсто за еден месец. Од 10 јули до 6 август се пријавени 1,5 милиони нови инфекции, објави во петокот Светската здравствена организација (СЗО).
Иако СЗО веќе не ја смета пандемијата за глобална здравствена криза од почетокот на мај, „вирусот сè уште циркулира во сите земји, тој сè уште убива и се менува“, истакна во средата генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Најследена верзија на вирусот е „ерис“
Во моментов, најмногу се следи верзијата на вирусот ЕГ.5, наречена „ерис“, затоа што може да предизвика нов бран. Според некои експерти, улога во тоа би можеле да играат и летните собири и падот на имунитетот.
Оваа омикронска подваријанта се чини дека полесно се пренесува од другите што моментално циркулираат, веројатно поради нови мутации и може полесно да го избегне имунолошкиот систем.
„Досега, доказите со кои располагаме не сугерираат дека ЕГ.5 претставува нов ризик за јавното здравје во споредба со другите циркулирачки подваријанти на омикрон“,
соопшти СЗО.