Најмногу заболени лица оваа недела имало во Гостивар – 20, во Куманово – 15 лица, Прилеп – 7, во Тетово и во Радовиш имало по петмина, а во Струмица и во Македонски Брод биле пријавени по две заболени лица

Во периодот од 20 до 26 октомври, што е 43. недела од годината, во земјава се регистрирани 56 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грипот. Ова претставува намалување од 32,5 отсто во споредба со претходната недела, соопшти денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од ИЈЗ велат дека пријавената инциденца сѐ уште е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, што значи дека не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.
Споредено со минатата сезона, од ИЈЗ велат дека во истиот период биле регистрирани 42 заболени лица, што е зголемување од 33,3 отсто, додека во однос на просекот од последните 15 сезони, оваа недела се регистрира намалување од 10,5 проценти.
Најмногу заболени лица оваа недела имало во Гостивар – 20, во Куманово – 15 лица, Прилеп – 7, во Тетово и во Радовиш имало по петмина, а во Струмица и во Македонски Брод биле пријавени по две заболени лица.
Најголем дел од заболените, 48 лица, се регистрирани во возрасната група од 15 до 64 години.
Иако има намалување во 43. недела, вкупниот број случаи на грип и заболувања слични на грипот за сезоната 2025/2026 изнесува 244.
Овој број е зголемен за 64,9 проценти во споредба со истиот период од минатата сезона и регистрира зголемување од 21,9 отсто во однос на просечниот модел од последните 15 сезони.
ИЈЗ потсетува дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита и препорачува неа да ја примат сите граѓани, а особено лицата кои припаѓаат на ризичните групи – постари лица над 65 години, деца од 6-59 месеци, лица со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.
Според податоците од Управата за електронско здравство, досега 31 289 лица од ризичните категории на населението се вакцинирани со бесплатни вакцини.
