„Согласно годишниот план за постапување во зимски услови, на подрачјето на Маврово е воведен кружен тек на движење на возилата за да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Но, поради непочитување на правилата и препораките, во текот на вчерашниот ден настанаа проблеми во одвивањето на сообраќајот“, велат од тетовската полиција

Сообраќајниот метеж во Маврово денеска е нормализиран и се одвива без проблеми, информираат од Секторот за внатрешни работи (СВР) во Тетово.
Според нив, вчерашниот хаос во сообраќајот кога неколку возила со часови беа заглавени на патот за Маврово, настанал поради непочитување на правилата и препораките.
„Секторот за внатрешни работи Тетово ја известува јавноста дека сообраќајот во Маврово е нормализиран и се одвива без проблеми. Согласно годишниот план за постапување во зимски услови, на подрачјето на Маврово е воведен кружен тек на движење на возилата за да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Но, поради непочитување на правилата и препораките, во текот на вчерашниот ден настанаа проблеми во одвивањето на сообраќајот“,
се вели во соопштението од СВР Тетово.
Оттаму велат дека за надминување на проблемите од ОВР Гостивар биле ангажирани дваесетина полициски службеници од други одделенија кои го регулирале сообраќајот за да се надминат проблемите.
Од СВР Тетово упатуваат апел до граѓаните, да ги почитуваат сите правила и прописи во сообраќајот, да не ги паркираат своите возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници во врска со поставениот сообраќаен режим и да се движат согласно предвидените правила. Исто така, упатуваат апел и кон Маврово и Попова Шапка да не се тргнува со летни гуми на возилата и без соодветна зимска опрема, затоа што на тој начин се попречува нормалното одвивање на сообраќајот.
Вчера на социјалните мрежи граѓани сведочеа дека километарска колона од возила со часови е заглавена на патот во Маврово. Граѓаните велеа дека повеќе од три часа се во своите возила и не можат да поминат, а дел, пак, реагираат дека се пренасочуваат да кружат околу езерото.