Причините за затворањето сè уште не се официјално објавени, но, како што пренесува „Кликс“, се претпоставува дека станува збор за деловна одлука донесена во Доха од финансиски причини

По четиринаесет години работење, регионалната телевизија Ал Џезира Балканс се гаси, информира порталот „Klix.ba“.
Тоа е филијала на катарскиот медиумски концерн кој, со седиште во Сараево, го покрива регионалниот пазар од 2011 година, со канцеларии во Белград, Загреб, Подгорица, Скопјe, Љубљана и Приштина. Беше препознатлива по своите документарни емисии, а емитуваше програма на јазик кој не беше ниту арапски ниту англиски – што беше исклучок во рамките на мрежата Ал Џезира.
Ал Џезира Балканс влезе на пазарот во средината на септември 2010 година со купување на локалната телевизиска станица НТВ Студио 99 во Сараево од компанијата ПЕП, во сопственост на Адил Куленовиќ. Вредноста на трансакцијата беше 2,3 милиони конвертибилни марки, што беше износот на долговите на телевизијата кон државата во тоа време.
Во 2018 година, телевизиската станица го лансира AJB DOC, фестивал на документарен филм што се одржува секоја година во Сараево. Причините за затворањето сè уште не се официјално објавени, но, како што пренесува „Кликс“, се претпоставува дека станува збор за деловна одлука донесена во Доха од финансиски причини.