Изминативе денови медиумот „Раша тудеј“, кој управува со повеќе мрежи ширум светот, значајно го намали својот опсег на емитување. Ова се должи на тоа што технолошки компании и телевизиски мрежи во светот ја прекинаа соработката со неа поради инвазијата врз Украина
Продукциската компанија што стои зад руската државна мрежа РТ (Раша тудеј) денеска соопшти дека згаснува „РТ Америка“.
Генералниот директор на „Ти енд пи продакшн“, Миша Солодовников, на вработените им напишал дека компанијата ќе „престане да работи“ на сите локации, „поради непредвидените настани“.
„За жал, претпоставуваме дека станува збор за траен прекин на работниот однос“,
додал Солодовников.
„Ти енд пи продакшн“ имаше канцеларии во Њујорк, Мајами, Лос Анџелес, Вашингтон. Затворањето на „Ти енд пи продакшн“ значи крај и на американската филијала на РТ, јави Си-ен-ен.
Давателот на сателитски услуги „Дирек ТВ“, еден од двата што ја пренесуваа „РТ Америка“, ја прекина соработката на почетокот на неделата. Тоа за мрежата беше голем финансиски удар.
Компанијата „Року“, која продава хардвер за корисниците да можат да ги пратат содржините преку интернет, исто така соопшти дека ја отстранила „РТ Америка“ од својата платформа.
Изминативе денови медиумот „Раша тудеј“, кој управува со повеќе мрежи ширум светот, значајно го намали својот опсег на емитување. Ова се должи на тоа што технолошки компании и телевизиски мрежи во светот ја прекинаа соработката со неа, поради инвазијата врз Украина.
Европската Унија на крајот на минатиот месец најави дека ќе ја забрани работата на руските медиуми „Раша тудеј“ и „Спутник“.
Европската федерација на новинари (ЕФН) предупреди дека забраната за емитување на руските медиуми „Раша тудеј“ и „Спутник“ на европско почва може да биде контрапродуктивно откако вчера Европската Унија најави дека на руските медиуми поддржани од власта ќе им биде забрането емитување во Европа.