Со ребалансот на буџетот наменет за Агенцијата за поддршка на туризмот, во Министерството за култура и туризам дополнително се обезбедуваат 605 милиони денари или околу 10 милиони евра. Тие се распределени во неколку ставки и ќе бидат искористени за поддршка и промоција на културата и туризмот

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот престанува да постои како самостојна институција и ќе биде во состав на Министерството за култура и туризам, што е официјализирано со измените на Законот за туристичката дејност што вчера беа усвоени во Собранието. Триесетина вработени во Агенцијата ќе бидат префрлени во секторот за туризам на Министерството кој ќе има и нови простории за што нема да се плаќа кирија како досега во Градскиот трговски центар, информира ресорниот министер Зоран Љутков.
„Сите постапки и сите вработени ќе преминат на една адреса, а тоа е Министерството за култура и туризам. Се надевам дека после осумте дена по објавувањето во Службениот весник, ќе пристапиме кон преземање на вработените, на имотот, сѐ она што поседува Агенцијата за поддршка на туризмот. Сите адреси ќе бидат упатени само кон една институција и повеќе нема да се плаќа кирија, којашто ја плаќаше Агенцијата за поддршка на туризмот во ГТЦ туку обезбедивме и нови просторни услови – првите два ката во зградата што сега ја користи Министерството за енергетика. Така што и тука ќе се намалат трошоците, ќе добиеме многу посоодветни услови, поцентрално место, повидливо и конечно, сега продолжуваме комплетно како Министерство за култура и туризам“,
изјави Љутков и додаде дека претходно е направена измена во систематизацијата во Министерството, а со ребаланс на буџетот, обезбеден е и буџетот од Агенцијата за поддршка на туризмот.
Со ребалансот на буџетот наменет за Агенцијата за поддршка на туризмот, во Министерството за култура и туризам дополнително се обезбедуваат 605 милиони денари или околу 10 милиони евра. Тие се распределени во неколку ставки и ќе бидат искористени за поддршка и промоција на културата и туризмот – за активности на Плаошник, Скопското кале, за Агенцијата за филм итн, додаде министерот.