Поради немање кворум и неможност да се утврди дневниот ред, седницата за гласање доверба на Владата е прекината и, како што соопшти потпретседателот на Собранието Фадил Зендели, во текот на денов дополнително ќе биде испратено известување кога таа ќе продолжи седницата.
При пребројувањето на пратениците беше констатирано дека на седницата присуствуваат 60 пратеници, од кои двајца се позитивни на ковид-19 и присуствуваат во скафандри.
Зендели, исто така, констатира дека на седницата не присуствуваат ниту премиерот ниту други членови на Владата.
Претходно во текот на денот се даваа неколку паузи од собраниската седница. Седницата пред усвојувањето на дневниот ред ја отвори претседателот Талат Џафери, кој набргу даде пауза и го повика Зендели да ја води седницата бидејќи, како што рече, тој нема да биде 61. пратеник што ќе овозможи кворум. Потоа, во неколку наврати се прекинуваше седницата, имаше пауза на барање на заменик-координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, како и на барање на лидерот на Левица, Димитар Апасиев.