Околу 176 000 шатори се подигнати во најтешко погодените провинции во Турција. Агенцијата за катастрофи (АФАД) објави дека нивните работници поставиле илјадници контејнери за домување. Речиси 400 000 луѓе досега се евакуирани од подрачјата погодени од земјотресот, покажуваат податоците на претседателскиот кабинет
Разорните земјотреси што ја погодија турско-сириската граница пред една недела, оставија 1,2 милиони луѓе без покрив над главата во југоисточниот дел на Турција, соопшти кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Се стравува дека досега од под урнатините најверојатно се извлечени и последните преживеани.
Тринаесетгодишно момче е изнесено живо на носилки од урнатините во турската провинција Хатај, откако поминало 182 часа под нив, јави државната ТВ ТРТ. Десетгодишно девојче е извлечено и спасено од урнатините на станбена зграда во јужната турска провинција Кахраманмараш 183 часа по разорниот земјотрес, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Во југоисточниот регион Адијаман, шестгодишно девојче е пронајдено под урнатините и извлечено од нив 178 часа по земјотресот, соопшти турското Министерство за одбрана. Толку долгото преживување на трите деца ги надмина сите вообичаени граници. Изгледите за понатамошно спасување и преживување се исклучително мали.
Преживеаните кои спасувачите ги нашле денеска, имале пристап до вода, поточно дождовница или снег. Познато е дека човек може да преживее без вода околу 72 часа.
Во меѓувреме, околу 176 000 шатори се подигнати во најтешко погодените провинции во Турција. Агенцијата за катастрофи АФАД објави дека нивните работници поставиле илјадници контејнери за домување. Речиси 400 000 луѓе досега се евакуирани од подрачјата погодени од земјотресот, покажуваат податоците на претседателскиот кабинет.
Турската новинска агенција „Анадолија“ објави дека властите вршат инспекции за да утврдат кои станбени згради во десетте провинции погодени од земјотресот се сè уште погодни за живеење. Од попладнево повеќе од седум и пол илјади згради веќе се урнаа или мораше итно да се урнат, изјави Бану Аслан, директор на градежниот оддел.
Вкупниот број на потврдени смртни случаи досега е поголем од 37 500, а повеќе од 80 000 луѓе се повредени. Само во Турција бројот на загинати се искачи на 31 643, јавува „Анадолија“, повикувајќи се на АФАД.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во соседна Сирија загинале најмалку 5 900 луѓе.