Како што објави Би-би-си, Филипините и Индонезија издадоа предупредувања за цунами, а Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами соопшти дека се можни опасни бранови во радиус од 300 километри од епицентарот
Силен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени го погоди јужниот филипински остров Минданао, пренесува Би-би-си. Првичните информации говорат дека има најмалку една жртва, а се прават процени за повредени.

Според Геолошкиот завод на Соединетите Американски Држави (САД), епицентарот на земјотресот е на околу 20 километри од брегот на градот Манај, а се случи во 9:43 часот по локално време.
На источниот брег на архипелагот накратко по земјотресот стапи во сила предупредување за цунами.
Како што објави Би-би-си, Филипините и Индонезија издадоа предупредувања за цунами, а Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами соопшти дека се можни опасни бранови во радиус од 300 километри од епицентарот.
Веднаш е направена евакуација на населението во крајбрежните области, особено на децата од училиштата.
Локалните власти ги предупредија тамошните жители да бидат во состојба на зголемена готовност и да се преселат на повисоки места.
Овој земјотрес се случи 11 дена по оној во кој загинаа 74 лица, а околу 72 000 останаа без живеалишта на централниот филипински остров Себу.
Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија ја процени јачината на земјотресот на 7,6 степени, а Американската геолошка служба пријави јачина од 7,4 степени.