Предупредувањето за цунами се однесува на голема, но ретко населена и релативно дива крајбрежна област во југозападниот дел на Алјаска, а според надлежните власти ризикот од евентуални жртви и штети е низок
Силен земјотрес со магнитуда од 7,3 степени според Рихтеровата скала синоќа го погоди брегот на Алјаска, поради што властите издадоа предупредување за цунами, иако, како што е соопштено, не се очекуваат големи штети, пренесоа светските медиуми.

Според Американскиот геолошки институт, епицентарот на земјотресот бил во Тихиот Океан, на 87 километри јужно од Сенд Поинт, мало село во ахипелагот Шумагински Острови.
Предупредувањето за цунами се однесува на голема, но ретко населена и релативно дива крајбрежна област во југозападниот дел на Алјаска. Опсегот на предупредувањето, како што се наведува, завршува непосредно пред Енкориџ, најнаселениот град во оваа американска сојузна држава.
„Ризикот од жртви и штети е низок“,
се вели во соопштението на Американскиот геолошки институт.
Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), во истото епицентрално подрачје утрово бил регистриран уште еден потрес од 5,7 степени според Рихтеровата скала.
Сместена на пресекот на Пацифичката и Северноамериканската тектонска плоча, Алјаска е многу ранлива на земјотреси. Најразорниот земјотрес во нејзината понова историја се случи во 1964 година, кој беше со магнитуда од 9,2 степени според Рихтер и во кој загинаа повеќе од 130 луѓе.
Во 2023 година, друг земјотрес со магнитуда од 7,2 степени го погоди полуостровот Алјаска, но не предизвика жртви.