Според информациите од покраинските власти, стотици повредени се однесени во болница и оти бројките веројатно ќе се зголемат како што пристигнуваат извештаи од оддалечените области

Најмалку 250 лица се загинати, а стотици се повредени во земјотрес со магнитуда од 6 степени што го погоди Источен Авганистан во близина на границата со Пакистан, пишува „Гардијан“ според информации од властите.
Земјотресот, регистриран вчеравечер во 23:47 часот, бил во покраината Кунар со епицентар на 27 километри североисточно од градот Џалалабад, соопшти Американскиот геолошки завод. Земјотресот бил на длабочина од осум километри.

Околу 20 минути подоцна, во истата покраина, бил регистриран уште еден земјотрес со јачина од 4,5 степени.
„Бројот на жртви и повредени е голем, но бидејќи областа е тешко достапна, нашите тимови сè уште се на самото место“,
изјави портпаролот на Министерството за здравство Шарафат Заман.
Одделот за управување со катастрофи за покраината Кунар соопшти дека најмалку 250 лица загинале, а 500 се повредени во областите Нур Гул, Соки, Ватпур, Маноги и Чападаре.
Наџибулах Ханиф, покраински раководител за информации вели дека стотици повредени се однесени во болница и оти бројките веројатно ќе се зголемат како што пристигнуваат извештаи од оддалечените области.
Авганистанската привремена администрација има мобилизирано хеликоптери за спасување и транспорт на повредените бидејќи патиштата се блокирани поради свлечишта, што ги спречува спасувачките екипи да стигнат до повеќе погодени области.
Локалните жители го опишаа земјотресот како еден од најсилните што го погодиле регионот.
Портпаролот на привремената администрација, Забихула Муџахид, потврди дека земјотресот предизвикал жртви.
„За жал, вечерва земјотресот предизвика загуби на животи и материјална штета во некои од нашите источни провинции“,
напиша тој на платформата Икс.
Муџахид додаде дека локалните власти и жителите се ангажирани во спасувачките операции, а тимови за поддршка од централните и околните провинции се упатуваат кон погодените области.
„Сите расположливи ресурси ќе бидат искористени за спасување на животи“,
додава тој.
Sadly, tonight's earthquake has caused loss of life and property damage in some of our eastern provinces.
— Zabihullah (..ذبـــــیح الله م ) (@Zabehulah_M33) August 31, 2025
Local officials and residents are currently engaged in rescue efforts for the affected people.
Support teams from the center and nearby provinces are also on their way,
Во Авганистан се чести силните земјотреси, особено во планинскиот венец Хиндукуш, каде што се среќаваат индиската и евроазиската тектонска плоча.
Минатата година, во серија земјотреси на западниот дел од земјата, загинаа повеќе од 1 000 луѓе, што ја нагласува ранливоста на една од најсиромашните земји во светот на природни катастрофи.
Земјотрес со јачина од 6,3 степени го погоди Авганистан и во октомври 2023 година, кој беше проследен со силни потреси. Талибанската влада процени дека загинале најмалку 4 000 луѓе, а Обединетите нации рекоа дека бројот бил многу помал – околу 1 500.