Засега нема извештаи за сериозни штети во градот кој брои 16 милиони жители, објави канцеларијата на гувернерот на Истанбул на платформата Икс додавајќи дека екипи на надлежните институции веднаш излегле на терен за да ја проценат ситуацијата
Земјотрес со јачина од пет степени според Рихтеровата скала денеска ја стресе западна Турција, а потресот бил силно почувствуван и во најголемиот град на земјата, Истанбул, јавуваат медиумите.

Жители на градот сведочат дека по потресот многу луѓе излегле од своите домови и работни места на улиците, а ова го потврдиле и од Агенцијата за вонредни ситуации на Турција (АФАД).
Засега нема извештаи за сериозни штети во градот кој брои 16 милиони жители, објави канцеларијата на гувернерот на Истанбул на платформата Икс додавајќи дека екипи на надлежните институции веднаш излегле на терен за да ја проценат ситуацијата.
Земјотресот бил регистриран во близина на крајбрежниот град Мармарареглиси во западна Турција во 15 часот по локално време. Епицентарот бил во Мраморното Море, на 39 километри оддалеченост од покраината Текирдаг, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Инаку, Истанбул е оддалечен околу 100 километри од епицентарот на земјотресот.
Според соопштението на ЕМСЦ, епицентарот бил на длабочина од девет километри, југозападно од Истанбул, по должината на геолошкиот расед кој се смета за ризичен за мултимилионскиот град.

Во април годинава повеќе од 150 луѓе беа повредени кога скокнаа од своите згради по земјотресот со магнитуда од 6,2 степени во Истанбул, еден од најсилните што го погодиле градот во последните години.
Пред две години Турција го претрпе најсмртоносниот и најразорниот земјотрес во својата модерна историја. Во земјотресот со магнитуда од 7,8 степени тогаш загинаа повеќе од 55 000 луѓе, додека повеќе од 107 000 луѓе во јужна Турција и северна Сирија беа повредени.