По овој потрес, во 2:44 часот по локално време, бил регистриран послаб земјотрес со јачина од 2,5 степени според Рихтеровата скала

Земјотрес со јачина од 4,1 степен според Рихтеровата скала ноќеска е регистриран во регионот Бездан, во северозападниот дел на Србија.
Според податоците на Републичкиот сеизмолошки завод, епицентарот на земјотресот е регистриран во областа помеѓу Бездан и Бачки Моноштор на околу 190 километри северно од Белград во непосредна близина на границата меѓу Србија, Унгарија и Хрватска.
Земјотресот се случил во 2:35 часот по локално време.
„Теоретскиот интензитет во епицентарот беше проценет на шест степени според Меркалиевата скала. Земјотресите со овој интензитет можат да предизвикаат мали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје“,
се вели во информацијата од Републичкиот сеизмолошки завод.
Врз основа на макросеизмичките податоци, земјотресот бил почувствуван во поширокото подрачје на северозападна Србија во Бездан, Апатин, Сомбор, како и во пограничните региони на Хрватска и на Унгарија.
Според пријавите од граѓаните, земјотресот бил опишан како краткотраен, проследен со тресење, а некои граѓани пријавиле и чувство на „тап удар“.
Според податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), земјотресот бил регистриран на 14 километри западно од градот Сомбор на длабочина од 10,5 километри.
По овој потрес, во 2:44 часот по локално време бил регистриран послаб земјотрес со јачина од 2,5 степени според Рихтеровата скала.
