„Муртино не е политичка категорија – тоа се чесни луѓе кои живеат од својата земја. Бараме 100 отсто обесштетување. Сѐ помалку од тоа ќе биде навреда и омаловажување за секој што изгубил плод, имот, или покрив над главата. Нема правда без фер обесштетување!“, порача градоначалникот на Струмица и ја повика Владата да постапи
Вчерашното невреме проследено со силен дожд, ветер и град предизвика големи штети на земјоделските површини и пластениците во струмичко Муртино и околината на Босилово. Најголема штета, како што велат жителите на овие места, има на пластениците, кои од силниот ветер се урнати, а поголема површина е поплавена.

Во врска со штетите од невремето денеска на својот фејсбук-профил се огласи и струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, кој информира дека Општината формирала Комисија за проценка и ги повика жителите и земјоделците од понеделник да ги пријават штетите. Воедно, Костадинов оцени дека сега на потег е Владата.
„Јасно и гласно порачувам – не смеете да ги заборавите овие луѓе. Муртино не е политичка категорија – тоа се чесни луѓе кои живеат од својата земја. Бараме 100 отсто обесштетување. Сѐ помалку од тоа ќе биде навреда и омаловажување за секој што изгубил плод, имот, или покрив над главата. Нема правда без фер обесштетување! Како градоначалник нема да молчам, ќе бидам гласен за Муртино, зашто заслужуваат поддршка, а не игнорирање“,
порача Костадинов.
И градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, информира дека штети се евидентирани во селата Еднокуќево и Босилово и дека од понеделник ќе се знае какви мерки ќе преземат како Општина.