„Фајненшл тајмс“ објави дека на состанокот на Г7 ќе се разговара за заедничко ослободување на нафта од резервите, координирано од Меѓународната агенција за енергија

Земјите од Г7 денеска ќе одржат итен состанок за да разговараат за зголемувањето на цените на нафтата, бидејќи суровата нафта скокна над 100 долари за барел, а берзите паднаа поради ескалацијата на војната меѓу САД и Израел со Иран.
Министрите за финансии од водечките индустријализирани земји ќе се соберат за да разговараат за економското влијание на конфликтот, пишува Би-би-си.
Глобалните цени на нафтата денеска достигнаа речиси 120 долари поради страв од продолжено прекинување на снабдувањето со енергија преку клучната бродска рута низ Ормускиот Теснец.
„Фајненшл тајмс“ објави дека на состанокот на Г7 ќе се разговара за заедничко ослободување на нафта од резервите, координирано од Меѓународната агенција за енергија.
Прекините во снабдувањето со енергија од регионот се закануваат да ги зголемат цените за потрошувачите и бизнисите низ целиот свет.
Околу една петтина од светските резерви на нафта обично се испорачуваат преку Ормускиот Теснец. Но, сообраќајот низ тесниот премин е речиси запрен откако започна војната пред повеќе од една недела.
Денеска во Азија, цената на суровата нафта „брент“ скокна за повеќе од 25 отсто, достигнувајќи во еден момент 119,50 долари за барел, пред да падне на околу 109 долари.
Американската сурова нафта од Западен Тексас (WTI) забележа слични движења и се тргуваше за околу 104 долари за барел.
Според Аднан Мазареи од Институтот „Петерсон“ за меѓународна економија, скокот на цените на нафтата е очекуван, со оглед на тоа дека производството во некои земји од Заливот е запрено и на знаците на продолжен конфликт во регионот.
„Луѓето сфаќаат дека ова нема да заврши брзо“,
вели тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп на неговата социјална мрежа Трут сошал објави дека зголемувањето на цените на нафтата, предизвикано од конфликтот во Иран, е мала цена што треба да се плати за безбедноста и мирот во светот, пренесува Си-ен-ен.
Министерот за енергетика на САД, Крис Рајт, рече дека никогаш не може да се знае точно во која временска рамка ќе трае ваквата состојба, додавајќи дека во најлош случај тоа ќе биде со недели.
