„Очигледен е обидот на Путин да нè подели, но – како што можете да видите од ова големо единство и решителност – нема да бидеме поделени“, изјави германскиот министер за економија и енергетика Роберт Хабек по завршувањето на виртуелната конференција со министрите за енергетика на Г7
Министрите за енергетика од Групата седум индустриски развиени земји (Г7) ги отфрлија барањата на претседателот Владимир Путин „непријателските“ земји да го плаќаат рускиот гас со рубљи, изјави германскиот министер за економија и и енергетика Роберт Хабек по разговорите со неговите колеги, пренесе Ројтерс.
„Сите министри на Г7 се согласија дека ова е еднострано и јасно прекршување на постоечките договори“,
изјави Хабек за новинарите по завршувањето на виртуелната конференција со министрите за енергетика на Г7.
Тој додаде дека министрите уште еднаш потврдиле оти склучените договори се валидни и оти компаниите треба и мора да ги почитуваат. Плаќањето во рубљи, истакна Хабек, е неприфатливо и ги повика засегнатите компании да не го исполнуваат барањето на Путин.
„Очигледен е обидот на Путин да нè подели, но – како што можете да видите од ова големо единство и решителност – нема да бидеме поделени“,
додаде тој.
Во меѓу време, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, запрашан како Москва би постапила доколку Европа одбие да го плати гасот во рубљи, рече дека Русија нема да испорачува гас бесплатно.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела соопшти оти за испорака на рускиот гас во „непријателските земји“ ќе прифати единствено плаќање во рубљи откако Москва беше погодена од строги санкции поради нејзината инвазија на Украина.
Во листата на земјите кои Русија ги прогласи за „непријателски“ е и Северна Македонија.
Во меѓу време, САД и ЕУ потпишаа нов договор за испорака на американски гас за европските земји, со што западните сојузници ќе се обидат да стават крај на зависноста на Европа од руската енергија.
Новиот договор беше на вториот ден од самитот на лидерите на ЕУ во чиј фокус е руската инвазија на Украина поради која ѝ беа наметнати санкции на Русија што, пак, си го зема својот данок – енергетска криза во Европа.