Поради порастот на хоспитализирани и починати, данската Влада повторно ја воведе ковид-потврдата за сите јавни настани и простори, иако 75 проценти од Данците досега се вакцинирани со две дози, а слични забрани се воведени и во Словенија
Властите во неколку земји членки на Европската Унија повторно почнаа да алармираат поради негативниот развој на ситуацијата со пандемијата на коронавирус, имајќи предвид дека бројот на заболени и починати драстично расте.
Францускиот претседател Емануел Макрон преку националните ТВ-мрежи ќе ги повика сограѓаните да продолжат со строгото придржување на мерките за сузбивање на новиот европски бран на епидемијата на коронавирус, а германскиот министер за здравство Јенс Шпан рече дека „пандемија на невакцинирани“ беснее во земјата.
Белгиските власти подготвија закон со кој се забранува да работат невакцинирани лекари, медицински персонал и фармацевти.
Во другите членки на Европската унија, властите алармираат бидејќи бројот на заболени и починати рапидно расте, иако некои земји од ЕУ успеаја да ја намалат инфекцијата на минимум, со мерки како ковид-пропусници и масовна вакцинација.
Сепак, поради порастот на хоспитализирани и починати, данската Влада повторно ја воведе ковид-потврдата за сите јавни настани и простори, иако 75 проценти од Данците досега се вакцинирани со две дози, а слични забрани се воведени и во Словенија.
Германскиот институт „Роберт Кох“ соопшти дека стапката на смртност од коронавирус ги урна сите рекорди и сега за прв пат во Германија има повеќе од 200 смртни случаи на сто илјади жители, што е сепак помалку отколку во некои други европски земји, но се работи за ненадејно зголемување на заразените. Пред еден месец стапката на смртност беше 64, а јасно е дека ќе се преземат строги мерки за сузбивање на епидемијата, пред се со поголем процент на вакцинирани, велат германските власти.
Податоците покажуваат дека најлоша е состојбата во Словенија, каде бројот на починати од коронавирус достигна 962 лица на сто илјади жители, на Фарските острови бројката е 846, во Естонија 838, а Србија е на десеттото место во Европа со 578 починати. на сто илјади жители.
Германскиот министер Шпан предупреди дека избивањето на новиот бран од пандемијата не само поради агресивниот нов вид на вирусот, туку и поради тоа што голем број луѓе кои не обрнуваат внимание на мерките, не сакаат да се вакцинираат, се заразуваат и ја шират инфекцијата.
Данскиот премиер Мета Фредериксен, исто така, рече дека некои Данци мора да се потсетат, „бидејќи сведоци сме на ширење на инфекцијата од оние кои не се вакцинирани на вакцинираните, а тоа се често постари лица и луѓе со сериозни здравствени проблеми“.
Извештаите на медиумите и експертските анализи укажуваат на тоа дека оние земји каде што огромното мнозинство од населението е вакцинирано успеале речиси да го избегнат или во извесна мерка да го намалат бранот од новит вид на вирусот.
Така, највисоко ниво на вакцинација на населението со две дози достигна Португалија, 88 отсто, потоа Малта со 84 отсто, Шпанија 80, Шведска 68, а важно е да се истакне дека во Португалија 33 отсто од децата до 18 години примиле најмалку една доза вакцина.
Од сите европски земји, најстроги мерки се во Италија и Франција, а аналитичарите велат дека францускиот претседател Макрон ја ставил на коцка својата политичка иднина, имајќи предвид дека претседателските избори ќе се одржат за само шест месеци.
Сега велат дека најмалку две третини од Французите ги одобруваат мерките на Макрон, а протестите против ковид-пропусницата и другите ограничувања практично престанаа.
Не помалку храбар беше и италијанскиот премиер Марио Драги, кој веќе доби признание од Италијанците и од целата ЕУ за решителни реформи и стабилизација на италијанската економија, а воведе и „здравствени потврди“ за голем број вработени. Здравствените работници добија рокови до кои треба да се вакцинираат доколку сакаат да останат на работа.
Во земјата која мина низ вистински пекол на инфекции и смртност на почетокот на пандемијата во пролетта 2020 година, кампањата за вакцинација е силно интензивирана, а меѓу другото, воведени се строги проверки во училиштата и паралелките со повеќе од три заразени одат во карантин.

Во Италија се вакцинирани 45 милиони луѓе, што е 74% од населението, а Владата сега планира да ги вакцинира децата помлади од 12 години.
Во Италија бројот на заболени е значително помал отколку во Франција, Германија или Велика Британија. На Апенинскиот полуостров вчера се регистрирани шест илјади нови заразени со корона вирусот, а во Германија 26 илјади.
Италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанза вели дека, со сета претпазливост, „зауздувањето на чумата“ од коронавирусот се должи на успешната масовна вакцинација, воведувањето на „здравствена карта“ и фактот дека луѓето ја почитуваат мерката за носење маска.