Дали има нешто во гаспачото или во паељта штом Шпанија ја претекна Италија и стана најздрава земја во светот? Вака започнува презентирањето на ранг-листата на Блумберг на која се 169 земји, според факторите што придонесуваат за севкупното здравје на нивните жители. Според истражувањето, до 2040 година Шпанците ќе бидат најдолговечна нација во светот, а по неа жителите на Јапонија, Сингапур и на Швајцарија.
Каде е Македонија на оваа листа?
Според должината на животниот век, смртноста од заразни заболувања, нивото на примарна здравствена заштита, навиките за исхрана, прекумерната тежина, пушењето и алкохолот, квалитетот на водата и на воздухот, санитарните услови, менталните болести, како и опфатот со вакцинирање – Македонија „го освои“ 56-тото место на листата на Блумберг. Главната причина за ова последно место од земјите во регионот, според здравствените експерти, е тоа што во изминатите десет години државава ги намалила средствата за повеќе превентивни услуги.
Од Институтот за јавно здравје велат дека нивните истражувања се совпаѓаат со анализата на Блумберг – и за слабата превенција, но и за лошите животни навики и услови.
– Кога зборувам за еден број индикатори кои треба да се следат и постојано да се извлекуваат податоци за состојбата на здравствениот статус на населението, зборот ми е за незаразните болести кои се една од главните причини за морталитет во Република Македонија, на пример, кардиоваскуларни болести или циркулаторни заболувања и малигни заболувања, бидејќи речиси 55% од сите смртни случаи во целост се предизвикани од кардиоваскуларни болести, додека близу 18,5% се предизвикани од малигни неоплазми кои секој ден се зголемуваат – вели Вјоса Речица од Институтот за јавно здравје.
56-то место Македонија го доби и поради најкусиот животен век на населението во регионот – во просек, 75 години. За разлика од соседна Грција каде просекот е 82 години, колку што е и животниот век на жителите на Словенија. Меѓу најризичните фактори за поразителната статистика е и начинот на исхрана.
– Нашата популација консумира повеќе заситени масти од тоа што е препорачено, а заситените масти се директно поврзани со зголемен ризик од појава на кардиоваскуларни болести. Во однос на шеќерите, консумираме повеќе прости шеќери од препораките. Друг голем проблем за нашата популација е солта, односно просечно ние консумираме по човек околу 12 грама сол дневно што е еден од повисоките проценти во Европа – вели д-р Игор Спировски од Институтот за јавно здравје.
Исхраната е навика што прво ја стекнуваме во семејството. Оттаму, според анализата на Блумберг, добро здравје кај своите граѓани постигнуваат земјите што обрнуваат внимание особено на исхраната на децата во нивната рана возраст.
Според Институтот за јавно здравје, во институциите што згрижуваат деца во земјава, во исхраната недостигаат калциум, интегрални производи и свеж зеленчук.
И истражувањето на невладината „Студиорум“ покажало дека во менијата во градинките и во основните училишта во државава децата внесуваат сол над препорачаната дневна доза, а недоволно витамин Д и калциум. Поради овие сознанија, преку заеднички проект со Канцеларијата на УНИЦЕФ, изработена е алатка со која треба да се подобрат менијата за поздрав раст и развој на децата.
– Во текот на овој проект организиравме една работилница со учесници од градинките и од основните училишта на која што ја промовиравме алатката, објаснивме како таа се користи. Веднаш потоа, тоа беше на почетокот на 2018 година, алатката беше поставена за широка употреба за пилотирање на сајтовите на МОН и на Труд и социјална политика. Дали и колку се користи, не можам да ви кажам лично мое искуство, меѓутоа она што можам да ви кажам е дека добивме повици и мелјови на она што беше оставено како техничка поддршка, со прашање и сугестии како таа алатка да се унапреди. Ние тие корекци и сугестии ги имплементиравме – вели Неда Смилевска од Центарот за регионални истражувања „Студиорум“.
Каква е навистина трпезата во нашите градинки ?
Посетивме една скопска градинка. Децата беа во креативната училница, внесени во светот на боите, додека во кујната се подготвуваше нивниот оброк. Главната сестра вели дека храната ја подготвуваат претежно од свежи продукти и дека квалитетот често се проверува од Центарот за јавно здравје. Менито го менуваат еднаш месечно, а секој ден го објавуваат на интернет-страницата на градинката за да се информираат и родителите. Но, велат, со нашите деца потребна е и малку фантазија.
– На менито имаме намази кои личат на сладолед, а децата бидејќи го обожаваат сладоледот, така ги мотивираме. Знаете дечиња, денеска за појадок имаме сладолед. Намазот личи на сладолед и они – леле, денеска ќе јадеме сладолед, меѓутоа во менито има риба, има лимон, има магдонос, краставичка. Значи, свежи намирници, а тоа личи на сладолед и децата се мотивираат на таков начин – вели Лиле Тодоровска, главна медицинска сестра во детската градинка „Кочо Рацин“.
Но, надвор од градинките сликата е поинаква. Впечатокот е дека многу млади како да живеат според Прирачник за краток живот – брза храна, мобилни в рака, физичка и вербална активност на минимум.
И ако здравјето влегува преку уста, да се вратиме на првите од листата на Блумберг – Шпанија и Италија чии жители се рангирани за најздрави. Медитеранскиот начин на исхрана во комбинација со подобрени превентивни здравствени услуги, создаваат здрави и долговечни граѓани.
Според статистиката, засега најдолг животен век имаат жителите на Јапонија, земја во која здравата храна и дисциплината се впишани во кодот на нацијата по Хирошима. Во програмата за здрав ручек вклучени се и самите ученици – од миење на садовите до подготовка и сервирање на храната. На крајот, сами си го чистат училиштето и ги полеваат цвеќињата.
Холандија, која на листата на Блумберг се најде на 15 место, во Европа е земја со најдолг животен век на населението. Здравиот начин на живот е дел од наставната програма – учениците учат и како да посадат, а потоа и да го одгледаат зеленчукот што завршува на нивата училишна трпеза. Така, велат, ги учат децата дека храната не „расте“ на полиците во маркетите.
Велика Британија во последниве години постојано се искачува на Блумберг-листата на здрави држави. Светски познатиот готвач Џејми Оливер, по препораките дека здравјето ги поставува темелите од најрана возраст, ја започна кампањата „Хранете не подобро“ низ британските
Џејми Оливер ја пренесе својата кампања и во најбогатата држава во светот – САД, која е на 35-то место. Иако причината за овој пад на Блумберг-листата се должи на зголемената смртност поради предозирање со дрога и пораст на самоубиствата, Американците со задоволство го пречекаа во Хантингтон, Западна Вирџинија – град прогласен за најнездрав во Америка заради навиките на неговите, особено, најмлади жители.
Куба е успешната приказна која е за 5 места подобра од САД поради засилената превентивна заштита на населението. САД повеќе водат грижа за дијагностицирањето и лекувањето, заклучува Блумберг во својот индекс за најздрави држави, според кој, Македонија е со најслабо здравје во регионот и 56-та од 169 рангирани земји во светот.
Напишете коментар