Овој негов став следува по неколку неуспешни обиди да се постигне значаен напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина во текот на минатиот месец
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украинците ќе мора на референдум да гласаат за сите компромиси постигнати со Русија кои ќе значат крај на војната, пренесуваат украинските медиуми.
„Им објаснив на сите преговарачки групи кога станува збор за овие промени, а тие можат да бидат историски, ќе имаме референдум. Народот ќе мора да каже и да одговори на одредени формати на договор и што ќе вклучуваат тие“,
изјави Зеленски.
Тој истакна и дека е подготвен да го направи она што е потребно во рамките на желбите на украинскиот народ.
„На референдумот Украинците веројатно ќе гласаат за прашања како што се териториите кои ги окупираа руските сили или меѓународни безбедносни граници понудени на Украина наместо членство во НАТО“,
додаде Зеленски.
Овој негов став следува по неколку неуспешни обиди да се постигне значаен напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина во текот на минатиот месец.
Москва соопшти дека последната рунда преговори не придонела доволно за да се одржи состанок помеѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, нешто што украинската страна го бара со недели.
„Фајненшал Тајмс“ извести дека на листата на потенцијални компромиси меѓу двете страни ќе биде вклучена гаранција од Украина да се откаже од амбициите да се приклучи кон НАТО и да вети дека нема да дозволи странски воени бази во земјата.
