Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во Москва изјави дека Русија не учествува во разговорите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе отпатува во работна посета на Турција, чија цел е да се разговара за начините за ставање крај на војната во Украина и да се истражат можностите за траен мир, соопшти директорот за комуникации на турското претседателство.
„Се подготвуваме да ги заживееме преговорите и развивме решенија што ќе им ги предложиме на нашите партнери. Да се направи сè што е можно за да се приближи крајот на војната е главен приоритет на Украина“,
напиша Зеленски на платформата Икс без да прецизира дали тоа вклучува директни разговори со Русија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во Москва изјави дека Русија не учествува во разговорите.
Во текот на повеќе од три и пол години конфликт, Турција постојано дејствуваше како посредник меѓу Москва и Киев или беше домаќин на разговори насочени кон решавање на војната.
Во Истанбул се одржаа неколку рунди разговори во обид да се стави крај на руската инвазија врз Украина, која започна во 2022 година, но разговорите досега не донесоа никаков значаен напредок.
Размена на затвореници и репатријација на останките се единствените конкретни резултати од овие разговори. Последната размена на затвореници беше во октомври. Ставовите на двете страни за условите за мир, прекин на огнот, па дури и средба меѓу претседателите на завојуваните страни остануваат дијаметрално спротивни.
Володимир Зеленски од завчера е на турнеја низ европските земји за да побара поголема поддршка од своите сојузници додека Русија ја бомбардира украинската енергетска инфраструктура пред зимата.
