Во интервјуто за италијанската државна телевизија РАИ, Зеленски истакнал дека е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, но оти Украина никогаш нема да го признае Крим како дел од Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјавил дека е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин. Тој во интервју за италијанската државна телевизија РАИ истакнал оти мора да се најде договор, но без ултиматум како услов, јави „Ал Џезира“.
Меѓу другото, тој во интервјуто посочил дека Украина никогаш нема да го признае Крим како дел од Русија.
„Крим секогаш имал своја автономија, има свој парламент, но внатре во Украина“,
истакнал Зеленски во интервјуто за РАИ, јави „Ал Џезира“.
Коментирајќи ја изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој предупреди да не дојде до понижување на Путин, Зеленски рекол дека сака руската војска да ја напушти Украина и оти нема да го чува образот на Путин плаќајќи со својата територија, што би било неправедно.
„Мораме да размислуваме за иднината на Русија. Јас, како претседател на Украина, велам дека тоа се наши соседи. Ќе има и други претседатели и други генерации“,
појаснил украинскиот претседател.