Засега нема потврда од Соединетите Американски Држави, Русија или европските земји за промената на форматот на преговорите за ставање крај на војната во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Вашингтон предложил директни преговори во кои ќе бидат вклучени американски, руски и украински преговарачи – потег што би можел да означи нова фаза во напорите за ставање крај на војната, пренесе Радио Слободна Европа (РСЕ).

Зеленски ова го кажал на прес-конференција во Киев, додека главниот преговарач на Кремљ, Кирил Дмитриев, се подготвува за нови средби со претставниците на американскиот претседател, Доналд Трамп во Флорида.
Досега, американските претставници главно одржуваа одделни средби со руски и украински претставници, но досега не се случи ниту една средба во формат Украина – САД – Русија.
Два круга директни преговори меѓу руските и украинските претставници во Турција, во мај и јуни годинава, резултираа само со договори за размена на затвореници, но без значителен напредок кон решение на конфликтот.
„Соединетите Држави ни кажаа дека ќе имаат посебен состанок со руските претставници. Тие го предложија форматот Украина – САД – Русија, а бидејќи се присутни и претставници на Европа, можно е да се вклучи и Европа“,
рекол Зеленски.
Засега нема потврда од Соединетите Американски Држави, Русија или европските земји за промената на форматот на преговорите.
Украинскиот претседател на прес-конференцијата оценил дека само САД можат да ја убедат Русија да ја запре војната во Украина.
„Мислам дека Соединетите Американски Држави и претседателот Трамп ја имаат таа сила. И не мислам дека треба да бараме алтернативи на Соединетите Американски Држави. Секој друг избор отвора сомнеж за можноста за постигнување мир“,
рекол Зеленски одговарајќи на новинарско прашање.
Вчера, рускиот претседател Владимир Путин за време на четири и полчасовната годишна прес-конференција ги повтори контроверзните барања за територијални отстапки од Украина, кои се најдоа и во оригиналниот план на Трамп за ставање крај на војната, како и спорните тврдења за напредок на руските сили на фронтот.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, вчера навести оти е можно и тој лилно да учествува во разговорите меѓу американските и руските претставници во Флорида, додавајќи дека Вашингтон нема да присили ниту една страна на договор.
„Не можеме да ја присилиме Украина да постигне договор. Не можеме да ја присилиме Русија да постигне договор. Тие самите мора да сакаат договор“,
рече тој.
Деталите за плановите што во меѓувреме се предмет на разработка остануваат непознати за јавноста, но некои прелимирани анализи велат дека е можно Украина да се согласи на одредени територијални отстапки во замена за безбедносни гаранции од САД.

Главниот преговарач на Кремљ, Кирил Дмитриев, кој како раководител на рускиот државен инвестициски фонд е под санцкции на САД од февруари 2022 година, вчера ги нарече лидерите на Франција, Германија и Велика Британија воени подбуцнувачи кои се обидуваат да ги поткопаат мировните напори на Вашингтон.
Неговите забелешки следеа по рускиот ракетен напад врз Одеса и нејзините предградија претходната вечер, во кој седум лица беа убиени, а 25 ранети.
Руските сили го напаѓаат регионот Одеса речиси секојдневно од почетокот на декември, оставајќи десетици илјади луѓе без струја, вода и снабдување со топлинска енергија, бидејќи дел од нападите се насочени кон енергетската инфраструктура на Украина.
Во меѓувреме, Украина ја презеде одговорноста за два напади што, условно кажано, ја прошируваат линијата на фронтот, надвор од вообичаените конфликтни зони.
Имено, Киев вчера излезе со тврдења дека погодиле руски танкер од т.н. „флота во сенка“ покрај брегот на Либија, што би бил прв таков напад во Средоземното Море. Денеска украински претставници соопштија дека нејзините сили успеале да извршат напад на руска нафтена платформа и воен брод во Каспиското Море.
Двата напади за кои Киев тврди дека ги извршиле припадници на Службата за државна безбедност засега не можат да се потврдат од независни извори. Инаку, неодамна Украина изврши два напади врз бродови на руската „флота во сенка“ во Црното Море“.
