Зеленски нагласи дека НАБУ и САП ќе продолжат да работат и додаде дека е од суштинско значење јавниот обвинител да обезбеди вистинска неизбежност на казнување за оние кои го прекршуваат законот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека борбата против корупцијата во земјата ќе продолжи и дека антикорупциските институции мора да бидат ослободени од руско влијание.

„Разговарав со директорот на Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ), Семен Кривонос, со обвинителот на Специјалното антикорупциско обвинителство (САП), Олександр Клименко, со главниот државен обвинител Руслан Кравченко и со директорот на Службата за безбедност на Украина, Васил Малјук. Сите предизвици ги разгледавме. Антикорупциската инфраструктура ќе функционира, но без руско влијание – мора да се исчисти од него. И мора да има повеќе правда“,
напиша Зеленски на Телеграм.
Тој најави дека во наредните две недели ќе биде подготвен сеопфатен план за борба против корупцијата.
Зеленски нагласи дека НАБУ и САП ќе продолжат да работат и додаде дека е од суштинско значење јавниот обвинител да обезбеди вистинска неизбежност на казнување за оние кои го прекршуваат законот.
„Тоа е она што ѝ треба на Украина“,
потенцираше Зеленски.
Тој остро ја критикуваше праксата високопозиционирани лица да бегаат од земјата и да живеат удобно во странство, без правни последици, додека милијарди вредни постапки висат со години.
„Најважното е – без руско влијание. И најважното е – неизбежност на казната, која граѓаните треба реално да ја видат“,
заклучи Зеленски.
Зеленски вчера стави потпис на законот со кој се ограничи автономијата на двете антикорупциски агенции, НАБУ и САП, кои се од централно значење за спроведување на реформите, потег што Брисел го опиша како сериозен чекор назад и изрази длабока загриженост.
Илјадници демонстранти се собраа во Киев, Лавов, Днепар и Одеса синоќа за да се спротивстават на новиот закон.