Зеленски вели дека главната задача за сите е конструктивен дипломатски процес со САД и со сите партнери, а според него, клучно е да имаат стабилна поддршка за војската и за сите планирани одбранбени операции и напади

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека земјата напорно ќе работи за да ги направи мировните предлози на САД успешни и вети дека нема да прави ништо што би можело да ги наруши дипломатските напори.
„На Украина ѝ е потребен мир и Украина ќе направи сè за никој во светот да не може да каже дека ние ја попречуваме дипломатијата. Ни треба достоинствен мир со термини кои ја почитуваат нашата независност, нашиот суверенитет и достоинството на украинскиот народ. И токму такви услови мора да обезбедиме. Ова е важно“,
вели Зеленски во своето вечерно видео обраќање, додавајќи дека Украина нема да дава „проблематични“ изјави.
Зеленски вели дека главната задача за сите е конструктивен дипломатски процес со САД и со сите партнери, а според него, клучно е да имаат стабилна поддршка за војската и за сите планирани одбранбени операции и напади.
„Украина има потреба од мир и Украина ќе направи сè за да се осигура дека никој во светот не може да каже дека ние сме тие што наводно ја поткопуваат дипломатијата“,
додава Зеленски.
Претходно, кабинетот на Зеленски објави дека украинскиот претседател добил нов нацрт-план поддржан од САД за завршување на војната на Русија во Украина. Исто така, беше објавено дека Зеленски очекува да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп во наредните денови.
Од она што досега е познато од пишувањата на светските медиуми, мировниот план предвидува Киев да направи болни отстапки со цел да се стави крај на агресијата од Русија.
Во соопштението од канцеларијата на Зеленски се вели дека се согласиле да работат на точките од планот за да се дојде до достоен крај на војната.
Изјавата од кабинетот на Зеленски беше објавена по неговата средба со висока делегација на армијата на Соединетите Американски Држави (САД), која денеска пристигна во Киев.
Според други официјални лица во Киев мировниот предлогот, наводно составен од Кирил Дмитриев, близок сојузник на Владимир Путин, и специјалниот претставник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, е „провокација“, чија цел е да се разгори поделба и да се „дезориентираат“ сојузниците на Украина.
Европските лидери на вчерашниот состанок во Брисел рекоа дека не биле однапред информирани за најновата иницијатива на Белата куќа.
Извори за светските агенции рекле дека тоа што се бара од Киев е рамно на капитулација.
Високата преставничка за надворешна и безбедносна политика на Европска Унија (ЕУ) , Каја Калас, изјави дека Европа ги поздравува сите напори за постигнување долготрајно и праведно решавање на војната, но нагласи дека за таквото решение да функционира во неговото носење мора да бидат вклучени Украинците и Европејците.
Белата куќа, пак, соопшти дека мировниот план на САД, поддржан од претседателот Доналд Трамп, за кој се преговара со Русија и Украина, е „добар за двете страни“.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, рече дека специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, и американскиот државен секретар Марко Рубио, „тивко“ работат на планот веќе еден месец.
„Тој е во тек и се менува, но претседателот го поддржува овој план. Тоа е добар план и за Русија и за Украина и веруваме дека треба да биде прифатлив за двете страни“,
рече Ливит на брифингот.
