Украинскиот претседател објави и оти неделава ќе оствари повеќе средби со лидерите на земјите од Заливот, Турција, како и од европските земји за да се направи позитивен исчекор кон оконување на војната со Русија
Киев е целосно подготвен да работи за ставање на крај на конфликтот со Русија, но конечниот исход ќе зависи од притисокот што клучните светски лидери ќе го извршат врз Москва, рече денеска украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Тој рече и оти неделава ќе оствари неколку средби со меѓународни контакти, што според него би требало да значи позитивен исчекор кон ставање крај на војната со Русија.
„Оваа недела ќе има контакти со Турција, ќе има контакти со земјите од Заливот, како и со европските земји. Тоа може да биде платформа за разговор со Русите“,
рече Зеленски.
Дополнително, Зеленски вели и дека земјите партнери на Украина треба да го потврдат својот силен ангажман и поддршка на процесот за ставање крај на војната и оти во иднина буквално сè би требало да зависи исклучиво од волјата на светските лидери, како Соединетите Американски Држави да извршат притисок врз Русија. Неопходност, според него, е да се преземат и нови чекори кон засилување на притисокот врз Москва преку воведување на дополнителни царини и санкции.
„Тукушто одржав состанок со дипломатскиот тим – Министерството за надворешни работи, Канцеларијата, сите. Подготвуваме нови контакти со лидерите на земјите партнери. Очекуваме дека ќе бидат многу активни во наредните недели,“
заклучи Зеленски.