Парубиј е познат по неговата улога во големите проевропски движења во Украина – најпрво во „Портокаловата револуција“ во 2004 година, а потоа и во „Мајдан“ во 2014 година, кога беше командир на групите за самоодбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека е уапсен осомничен за убиството на поранешниот претседател на парламентот Андриј Парубиј.
„Се спроведуваат потребните истраги“,
напиша Зеленски на социјалните мрежи заблагодарувајќи им на истражните органи за брзата и координирана работа.
Парубиј (54) беше еден од видните лидери на проевропската револуција на „Мајдан“ и претседател на Врховната рада од 2016 до 2019 година. Тој беше застрелан во саботата во Лaвов, западна Украина.
Шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирил Буданов ја обвини Русија за убиството.
Парубиј е познат по неговата улога во големите проевропски движења во Украина – најпрво во „Портокаловата револуција“ во 2004 година, а потоа и во „Мајдан“ во 2014 година, кога беше командир на групите за самоодбрана. Протестите беа насилно задушени, што доведе до заминување на прорускиот претседател Виктор Јанукович и негово бегство во Русија.