Пред два дена украинскиот претседател изјави дека ѝ испратил предлог на Москва за одржување нова рунда разговори следната недела откако разговорите минатиот месец не донесоа напредок за завршување на војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека новата рудна директни преговори меѓу Украина и Русија ќе се одржи в среда, 23 јули во Турција.

„Разговарав со шефот на украинскиот Совет за безбедност, Рустем Умеров, за подготовките за размена на затвореници и уште еден состанок во Турција со руска страна. Умеров извести дека состанокот е закажан за среда“,
рече украинскиот претседател во синоќешното видеообраќање до нацијата.
Пред два дена Зеленски изјави дека ѝ испратил предлог на Москва за одржување нова рунда разговори следната недела, откако разговорите минатиот месец не донесоа напредок за завршување на војната.
„Треба да се направи сè за да се постигне прекин на огнот. Русија треба да престане да се крие од процесот на донесување одлуки“,
рече Зеленски во своето редовно вечерно обраќање на 19 јули.
Кремљ не го потврди датумот или локацијата на следната рунда преговори, велејќи дека чека повеќе детали и дека двете страни сè уште имаат дијаметрално спротивни ставови за тоа како да се стави крај на конфликтот.
Последната рунда директни разговори меѓу Украина и Русија се одржа во Истанбул на 2 јуни, по претходната средба на 16 мај, која се случи по повеќе од три години без преговори.