Според Зеленски, не е фер Трамп јавно да ја повикува Украина, а не Русија, да направи отстапки во преговарачките услови за мировен план

Украинскиот лидер Володимир Зеленски вели дека американскиот претседател Доналд Трамп врши прекумерен притисок врз него во обидот да обезбеди решение за речиси четиригодишната руско-украинска војна.
Зеленски, во интервју за американската веб-страница „Аксиос“, додава дека секој план што бара од Украина да се откаже од територијата што Русија не ја освоила во источниот регион Донбас ќе биде отфрлен од Украинците доколку се стави на референдум.
Според Зеленски, не е фер Трамп јавно да ја повикува Украина, а не Русија, да направи отстапки во преговарачките услови за мировен план.
„Се надевам дека тоа е само негова тактика, а не одлука“,
рече Зеленски во интервју спроведено додека руските, украинските и американските преговарачи одржуваа разговори во Женева.
Тој додава дека, иако можеби е полесно за Трамп да изврши притисок врз Украина отколку врз многу поголемата Русија, начинот да се создаде траен мир не е „да се даде победа“ на рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски во интервјуто му се заблагодари на Трамп за неговите напори за мир и додаде дека разговорите со американските медијатори Стив Виткоф и Џаред Кушнер не вклучуваат притисок каков што Трамп го користи јавно.
„Се почитуваме еден со друг“,
вели тој додавајќи дека „не е таква личност“ која лесно се повлекува под притисок.
Зеленски повтори дека најдобриот начин да се најде решение за територијата е Путин да се сретне со него лице в лице додавајќи дека побарал од својот тим да покрене иницијатива за идна средба на ниво на лидери во Женева.
Трамп двапати во последните денови посочи дека е до Украина и Зеленски да преземат чекори за да се осигурат дека разговорите ќе бидат успешни.
„Украина подобро да седне на маса брзо. Тоа е сè што ви кажувам“,
рече Трамп во понеделникот.
Водечкиот украински преговарач, Рустем Умеров, рече дека во првиот ден од разговорите во Женева се фокусирал на „практични прашања и механиката на можните одлуки“, без да даде детали, додавајќи само дека преговорите ќе продолжат денеска.
Руските претставници не дадоа коментари за разговорите, но руските новински агенции цитираа извор кој вели дека разговорите биле „многу напнати“ и траеле шест часа во различни билатерални и трилатерални формати.
Американскиот специјален претставник Стив Виткоф изјави дека разговорите меѓу Украина и Русија донеле значен напредок во напорите за ставање крај на војната, додека двете страни се подготвуваат за вториот ден од преговорите во Женева што треба да продолжат денеска.
