Нарекувајќи ја дискусијата топла и суштинска, украинскиот претседател во објава на социјалните мрежи информира дека го известил папата за подготвеноста на Украина за понатамошни преговори во кој било формат, вклучително и директни разговори, а оти слични чекори очекува и од Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека денеска по првпат телефонски разговарал со новоизбраниот папа Лав Четиринаесетти. Го поканил да ја посети Украина оценувајќи оти таквата посета би им донела вистинска надеж на сите верници и на целиот украински народ. Се договориле да останат во контакт и да остварат лична средба во блиска иднина.

Нарекувајќи ја дискусијата топла и суштинска, Зеленски во објава на социјалните мрежи информира дека го известил папата за подготвеноста на Украина за понатамошни преговори во кој било формат, вклучително и директни разговори, а оти слични чекори очекува и од Русија.
„Разговаравме и за илјадниците украински деца депортирани од Русија. Украина смета на помошта на Ватикан за нивно враќање дома кај нивните семејства. Го информирав папата за договорот меѓу Украина и нашите партнери дека, почнувајќи од денес, мора да започне целосен и безусловно прекин на огнот од најмалку 30 дена“,
пишува Зеленски во објавата на социјалните мрежи.
Му се заблагодарил на папата за поддршката на Украина и додаде дека украинскиот народ длабоко ги цени неговите зборови за потребата од постигнување праведен и траен мир и ослободување на затворениците.